Празникот Водици во познатиот ресторан Св. Софија во стариот дел на Охрид е уникатно доживување.

Од ова место започна возобновувањето на убавата охридска традиција за масовно одбележување на Богојавление на почетокот на деведесеттите години од минатиот век која од Охрид се прелеа во целата земја и секаде каде што живеат нашинците низ светот. Тука подоцна се формира и здружението Богојавление кое долги години го организираше културно забавниот дел од празникот, што го афирмираше Охрид и надвор од границите на земјата, како поддршка на Дебарско – кичевската епархија која, пак, грижливо ја чува духовната традиција, што е и суштината на овој празник.

Охрид за Водици е посебен. Атмосферата во градот исто така. Православните храмови се исполнети со верници, а низ градските сокаци од сите страни се слуша песна. Убаво е секаде, но Охрид има едно култно место каде за Водици се собираат сите. Тајфата на фаќачот, познати личности од сите области на општественото живеење, политичари, претставници на дипломатскиот кор, градски луѓе и весели друштва кои уживаат во традицијата и староградската музика која ги раскажува приказните на Охрид.

Мартин Гоџо – Фаќачот на крстот во 2026 година.

Така беше и оваа година. Фаќачот на крстот Мартин Гоџо и неговата тајфа ја разубавија празничната атмосфера во ресторанот Св. Софија. Честитки Гоџо доби од таткото на градот Кирил Пецаков и пратеникот Сашо Донев, а веселата дружба заврши со песна и огномет.

Ресторанот Св. Софија продолжува да ја негува убавата традиција и да сведочи за историјата на одбележувањето на богојавленските празници во Охрид.

Г.М.
Фото: А. Момироска