Договор за заеднички настап на ДУИ и ПЕИ во општина Струга за претстојните локални избори е постигнат, соопшти портпаролот на „интегративците“, Бујар Османи.
Како што појасни портпаролот на ДУИ, склучена е соработка и со партијата Нова Демократија на Кастриот Хаџиреџа, со која заеднички ќе се излезе на претстојните локални избори.
„Со тоа, членови од таа партија ќе бидат вклучени во листите на ДУИ во одредени општини. Коалиција е постигната и со ПЕИ на Фиат Цановски и тоа за соработка во Струга, каде што ПЕИ го поддржува кандидатот на ДУИ, а ние нивниот кандидат во Маврово – Ростуше.“ – истакна Османи.
Исто така, Османи потенцира дека ДУИ воспоставиле принцип за овие локални избори, со тоа што кандидатите кои ќе учествуваат на „локалните“ ќе треба да дадат оставки од своите актуелни функции, како би биле рамноправни во трката за барање на довербата на граѓаните во насока на децентрализацијата и територијалната поделба.
„Не се успеа во тоа да се постигне меѓупартиски политички консензус, тоа да стане законска обврска сите кандидати да дадат оставка од своите актуелни позиции за да можат рамноправно да се натпреваруваат на локалните и на кои било други избори.“ – рече Османи, додавајќи дека тоа на некој начин било и барање од меѓународната заедница и од ОБСЕ/ОДИХР да стане законска обврска.
Инаку, претстојните локални избори се закажни за 24-ти март.
OhridNews