ДУИ на вонредна седница на раководството на партијата во четврток вечер ќе побара предвремени парламентарни избори, најави денеска портпаролот на партијата Бујар Османи, јавува „Макфакс“.
Според Османи, ваквата одлука следи откако ВМРО-ДПМНЕ одби да го прифати нивниот концепт за консензуален претседателски кандидат.
Истовремено, ДУИ ќе донесе и формална одлука со која ќе ги повика своите членови и симпатизери да ги бојкотираат претседателските избори.
ДПА, пак, денеска го промовираше поранешниот потпретседател на македонското Собрание Илијаз Халими, за кандидат на партијата за претседател на Република Македонија.
„Работите се многу јасни. Фаворит на овие избори е кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ господинот Иванов. Нашата цел е да влеземе во втор круг. Ќе ги повикаме сите Албанци и други граѓани да не гласаат бидејќи тогаш доаѓа вистинскиот договор и вистинскиот консензус што може да се случи помеѓу Албанците и Македонците, затоа што во вториот круг треба најмалку 40 отсто од гласачите да излезат на гласањето“, изјави лидерот на ДПА Мендух Тачи.
За да влезе во изборната трка, Халими ќе треба да собере 10.000 потписи до крајниот рок – 3 март.
OhridNews
извор:„Макфакс“