Изворите Свети Наум во центарот на вниманието на домашната и светска научна јавност, откриени се два нови видови полжави.

Ова фасцинантно, научно откритие повторно ја потврдува и изнесува на виделина извонредната биолошка разновидност со која се одликува овој уникатен екосистем, вели Константин Здравески, соработник за алтернативни активности и проектен лидер во Јавна установа Национален Парк Галичица.

Првиот од двата новооткрени видови полжави е именуван како Ancylus naumiensis n. sp., вид кој за прв пат беше забележан во 1996 како “Ancylus sp. D“, но не беше потврдена неговата посебност и карактеристики на нов вид, заради недостиг на морфолошко-таксономски податоци. Уште поголемо е значењето и откритието за вториот вид- Ohridonaumia trajanovski n. sp кој е целосно новоопишан, и тоа не само како вид туку и како род кој за прв пат се спомнува за Изворите Свети Наум, вели Здарвески.

Ancylus naumiensis

Уште еден куриозитет за овој вид, додава Здравески е неговата номенклатура, односно видот е именуван според проф. др. Сашо Трајановски (Ohridonaumia trajanovski), еминентен и истакнат научен работник од Хидробиолошки институт Охрид, во чест на неговата двеиполдецениска посветена заложба за заштита и промоција на Охридското Езеро и неговиот уникатен жив свет.

Ohridonaumia trajanovski

Описот и на двата вида, нивната ендемска природа и посебност повторно покренуваат низа научно-интригантни прашања за нивната еволутивна генеза но и улога во деликатната рамнотежа на овој воден рај. Истите ја потврдуваат посебноста на изворите како извонредна природна креација и ја потенцираат потребата од нивна хитна, неодложна и долгорочна заштита, потенцира Здравески.

Станува збор, вели Здравески, за повеќегодишно истражување кое кулминираше со имплементацијата на проектот Извори Св. Наум – Биолошка и Инвенторизација на екосистемските услуги, финансиски поддржан од УНЕСКО Канцеларијата за образование и наука во Венеција и добротворната Аbrdn фондација.

Како најголем дострел во рамките на овај проект, покрај другите успешно реализирани активности, Јавната установа Национален Парк Галичица (имплементатор на проектот) се здоби со нови информации за постоењето на два нови видови и еден род на гастроподи (полжави) кои до сега не биле забележани и идентификувани, додава Здравески.

Нивната идентификација била направена во соработка со Универзитетите во Белград, Подгорица и Лодз (Полска) и вклучувала морфолошки и генетски испитувања.

OhridNews