Фудбалерите на Тотенхем ја забележаа втората победа сезонава во Премиер лигата, откако пред своите гледачи го совладаа составот на Фулам со 3-1, додека Вест Хем и во вториот меч сезонава претрпе пораз овој пат од Бурнмаут (2-1) и падна на дното од табелата во англиската елита.

„Петлите“ на Вембли  40-тина минути јалово напаѓаа и бараа начин да го пробијат бедемот на Фулам. Лукас Мура две минути пред крајот на првиот дел со одмерен удар ја погоди мрежата на гостите за почетно водство. На стартот од второто полувреме Фулам ја врати на почеток ситуацијата, откако Митровиќ погоди за егал 1-1. Дваесеттина минути им беа потребни на домаќините да го вратат водството. Трипер од слободен удар маестрално ја погоди целта, а точка на победата стави капитенот Кејн.

„Чеканите“ и покрај фрленото богаство на трансфери во летниот преоден рок се уште ја чекаат првата радост во Премиер лигата. Кризата во составот на Вест Хем ја продолжи Бурнмат кој славеше со 2-1.

Резултати: Кардиф – Њукасл 0-0, Тотенхем – Фулам 3-1, Евертон – Саутемптон 2-1, Лестер – Вулверхемптон 2-0, Вест Хем – Бурнмаут 1-2, Челси – Арсенал (18:30ч).

OhridNews