И во услови на глобална здравствена криза и пандемија, воздухопловните експерти во Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ) остануваат посветени и доследни на заедничката визија и мисија за профилирање и имплементација на интегрирано, безбедно, уредно, ефикасно и еколошки одржливо цивилно воздухопловство, достапно под еднакви услови за сите, порачува директорот на АЦВ Томислав Тунтев по повод 25 години од воспоставувањето на македонски цивилни воздухопловни власти.
На 7 Декември, Меѓународниот ден на воздухопловството, во 1995 год., во состав на Министерството за сообраќај и врски започна со работа Дирекцијата за цивилна воздушна пловидба, што претставуваше официјално формирање на првите македонски воздухопловни власти.
Денешниот значаен јубилеј, како што посочува Тунтев, го одбележуваме во услови на една нова и несекојдневна нормалност предизвикана од светската пандемија со вирусот Ковид-19, без класични прослави, собирања и манифестации.
Сепак, нашите мисли, желби и чувства денес им се посветени на сите воздухопловни работници – професионалци и аматери – ентузијасти и вљубеници во авијацијата, кои биле и кои се’ уште се дел од македонските воздухопловни власти и кои со својот ангажман придонеле и придонесуваат за развојот на единственото македонско надзорно и регулаторно професионално тело во областа на воздухопловството, наведува Тунтев.
АЦВ, како што нагласува, преставува еден од главните стожери на современите евроатлански интеграциски процеси, кои ќе значат зголемен број на превезени патници на македонските аеродроми, побројни прелети на воздухоплови во македонскиот воздушен простор, поттикнување на спектарот на можности за патување до поголем број европски и светски дестинации, зајакнување на заштитата на патничките права и подигнато ниво на безбедност во воздушниот сообраќај на македонското небо.

Првите воздухопловни друштва во Македонија биле основани во Скопје и Струмица во 1923 год. До крајот на 1925 год. аероклубови биле формирани и во Гевгелија, Кавадарци, Куманово, Неготино, Битола, Охрид, Дебар, Гостивар и Тетово. Првиот аеромитинг бил организиран во 1926 год. на Зајчев Рид во Скопје. Во 1930 год. на скопскиот аеродром е воведена првата меѓународна патничка воздушна линија. Во 1938 год. била спроведена првата едриличарска обука, а во 1939 год. и првата обука за пилоти на моторни летала.


Во 1997 година Република Македонија стана полноправна членка на Европската конференција за цивилно воздухопловство – ЕСАС, а во 1998 год. и на европската организација за навигација и безбедност во воздушниот сообраќај – EUROCONTROL.
Дирекцијата за цивилна воздушна пловидба во 2001 год. прерасна во Управа за цивилна воздушна пловидба, во чија структура беа формирани секторите за воздухопловна навигација, за безбедност и за правни, меѓународни, финансиски и технички работи.

Визијата на АЦВ е да се овозможи безбеден и ефикасен воздушен транспорт, целосно интегриран во транспортната мрежа на Европа, кој ќе придонесе за одржлив развој на македонскиот транспортен систем. Таквата визија се остварува преку континуирана соработка со здруженијата и сојузите во рамки на воздухопловството, при изработка на програми за развој во различни сфери на воздухопловство, како предуслов за продолжување и развој на воздухопловната традиција во Македонија, користејќи ги можностите за аплицирање со проекти во претпристапните фондови на ЕУ. Мисијата на АЦВ е регулирање на активностите на воздушниот транспорт во државата и надзор врз работата на сите субјекти во авиоиндустријата, за да се постигне безбедно, сигурно, редовно, ефикасно, економски и еколошки одржливо цивилно воздухопловство. Националниот воздухопловен транспортен систем треба да функционира во согласност со меѓународните стандарди и препораки, односно да биде хармонизиран и интегриран со глобалниот транспортен систем на ЕУ, во интерес на сите учесници и корисници на услуги, а особено за заштита на правата на патниците, истакнува Тунтев.
OhridNews













