Министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, на прес конференција соопшти дека три лица од кои едното е на 27 годишна возраст, а другите две се браќа на 32 и 33 годишна возраст се директно осомничени дека го извршиле грозоморното убиство на 14-ти април кај Смиљковското езеро.

Министерката рече дека кривични пријави за тероризам се поднесени против пет лица, од кои тројца се уапсени, а двајца се во бегство. Едно лице од двете кои се во бегство е директно осомничено дека учествувало во убиствата.

Три од петте лица против кои е е поднесена кривична пријава за тероризам се директно осомничени за масакрот кај Смиљковксото езеро, додека другите две лица им помагале.

Тројцата директно осомничени со употреба на огнено оружје ги лишиле од живот четирите момчиња и рибарот со две автоматски пушки и еден пиштол, по што со веќе презентираното возило „Опел Омега“ го напуштиле местото на злосторството и се упатиле кон местото наречено Вражји вир.

Останатите двајца осомничени им помогнале илегално да ја минат границата.