Архитектот Горан Патчев и историчарот на уметност Емилија Митева се меѓу првите 12 лиценцирани конзерватори во земјава кои повеќе години практично се ангажирани во конзерваторската област и се занимаваат со заштита на предмети од дрво, керамика, камена пластика, метал, накит, камен и стакло, мозаици, икони и други сликарски дела, како и на архитектонско културно наследство.

Лиценците ги стекнаа со полагање стручен испит за познавање на прописите за непосредна заштита на културните добра.

Министерката Канческа-Милевска при доделувањето на лиценците, рече дека заштитата на културното наследство е во приоритетите на Владата и затоа се преземени мерки за негова систематска конзервација, идентификација, истражување, документација и промоција.

Доделувањето конзерваторска лиценца од Министерството за култура е утврдено со Законот за заштита на културното наследство. Таа му се издава на лице со високо образование од областа на заштитата кое бара да поседува лиценца (архитектура, статика, ликовна или применета уметност, технологија, хемија, физика, биохемија или друга соодветна специјалност).

Министерката информираше и дека до крајот на годинава ќе има вработувања на конзерватори во институциите и ги советуваше да ги следат конкурсите.

Првите лиценцирани конзерватори ги поздрави и Џејмс Вајсман, проф. од Универзитетот Бостон и долгогодишен истражувач на Стоби..  

OhridNews