Двајца мажи од Гостиварско починале од тешка заразна болест на Инфективната клиника во Скопје, јавува „Макфакс“. Станува збор лица што се во крвно сродство, но засега од клиниката не потврдуваат дали се работи за татко и син. Едниот е на возраст од 24 години, а другото лице имало околу 50. На клиниката биле примени со дијареја и покачена телесна температура, но болеста бргу прогресирала и ги зафатила бубрезите, црниот дроб и системот за коагулација.

„Имавме седница на Комисијата за заразни болести. Се состанавме да ги разгледаме случаите и да се преземат мерки за сузбивање на ризиците за ширење каква било болест од инфективна генеза. Овие два случаја завршиле со фатален исход во растојание од три дена, постои фамилијарна поврзаност. Па во потрага по заеднички причинител за состојбата беше повикана комисијата за од сите аспекти да се разгледа оваа ситуација“, рече Миленковиќ.

Директорот на клиниката, Звонко Миленковиќ, вели дека сè уште се истражуваат причините за болеста. Се сомневаат дека се работи за болест што се пренесува преку добиток. Од Комисијата за заразни болести смируваат да не се создава паника меѓу населението бидејќи, според нивните сознанија, болеста тешко се пренесува од човек на човек.

На Инфективната клиника, како што изјави Миленковиќ, нема карантин, туку се работи за изолација на пациенти. Во моментот има уште четири лица задржани на клиниката, од кои некои се крвно поврзани со починатите.

Сè уште се вршат испитувања за да се утврди за кое заболување се работи.

OhridNews
извор:„Макфакс“