Двајца туристи загинаа, а околу 20 се повредени во експлозија што се случи вчера на туристички брод со кој се превезувале од островот Бали до соседниот остров Ломбока, соопшти индонезиската полиција, пренесува „Макфакс“.
Според полициски извори, на бродот се наоѓале околу 40 луѓе, вклучително и екипажот, кога се случила експлозијата.
Сите патници биле евакуирани, а повредените биле префрлени во локалната болница.
Полицијата сѐ уште не ја утврдила причината за несреќата, но член на тимот форензичари што го испитуваат случајот рече дека, според првичните показатели, се работи за несреќен случај.
Експлозијата се случила откако најпрво бил забележан чад од моторот.
Суген Сударсо, шеф на локалната полиција, појасни дека експлозијата се случила кога бродот се наоѓал на околу 200 метри од местото на поаѓање и на пловилото му биле оштетени задните стакла и седиштата.
Според списокот на патници, на бродот биле лица од неколку земји, Германија, Британија, Франција, Италија, Португалија, Ирска и Шпанија.
OhridNews