По повод празникот 11 октомври утревечер, во Центарот за култура „Григор Прличев“, охриѓани ќе имаат можност премиерно да ги проследат двата документарни филмови „Киното Охридско езеро“ од Љупчо Паункоски и „Бриљианти“ од Ѓоко Симјаноски, кои како што нагласуваат авторите, публиката ќе ја вратат во минатото и ќе ја потстетат некогашниот културно забавен живот во градот .

Филмот „Киното Охридско езеро“ ја раскажува приказната за старото охридско кино од неговата изградба во 1924 година до неговото затворање во осумдесеттите години.

 

Многу наши сограѓани поминувајќи покрај објектот сеуште се прашуваат што се случувало во него, кој го изградил киното, какви филмови се прикажувале. Постарите се сеќаваат на времето кога доаѓале во киното да гледаат филмови , што било и една од ретките начини за забава во тоа време кога немало телевизија, мобилни телефони , интернет. Старото кино е дел од историјата на градот. Во подготовката на филмот ми помогнаа наследниците на Миле Петкоски Мартиноски, човекот кој го изградил киното.Публиката ќе може да види голем број фотографии, документи, меѓу кои и проектот за изградба на објектот. Се надевам дека успеав да ја комплетирам приказната и дека гледачите ќе уживаат гледајќи го филмот, вели авторот Паункоски.

Вториот документарен филм говори за вокално инструменталниот состав „ Бриљианти“ кој постоел од 1965 до 1972 година и кој ги забавувал охриѓани на тогашните игранки кои се организирале во хотелите Палас и ПТТ.

Случајно на интернет наидов на податок за постоењето на овој вокално инструментален состав „Бриљианти“. Исконтактирав со членовите на групата од кои само еден сеуште се занимава со музика. Интересно е што по изминати 48 години членовите на составот за прв пат повторно седнаа на иста маса за да проговорат за своите спомени додека постоела групата.Она што тогаш го красел составот бил големиот ентузијазам на членовите кои биле на возраст од дваесет години. Приказната од тоа време сакав да ја поврзам со сегашноста, со тоа како тие живеат сега и дали сеуште ја имаат истата љубов кон музиката, вели авторот Ѓоко Симјаноски. 

Почетокот на проекциите на филмовите е во 18 часот.