Настаните во македонското Собрание непосредно по изборот на нов спикер од страна на актуелното владејачко мнозинство, по неколкумесечна блокада на работата на законодавниот дом, што се случија за време на прес конференцијата на тогаш новото парламентарно мнозинство, на 27.04.3017 г., се сметаат за најголем тест за демократијата на државата, со што тогаш кулминареше длабоката политичка криза во земјата.
Во упадот на демонстрантите, кои со денови протестираа против изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието и против таканаречената „Тиранска платформа“, меѓу кои имаше и маскирани лица, повредени беа сегашниот премиер Зоран Заев, актуелните министри Оливер Спасовски, Дамјан Манчевски, Зоран Николовски и Максим Димитриевски. Повредени беа и тројца пратеници, од кои најтешко мина лидерот на Алијансата за Албанците Зијадин Села, кој подоцна беше хоспитализиран.
Во случувањата на 27-ми април 2017 година, лекарска помош побарале 70 граѓани и 22 полицајци.
Во врска со настаните од 27-ми април Јавното обвинителство поднесе обвинение против триесет и едно лице, меѓу кои и против високи полициски функционети и пратеници, како и водачи на движењето „За заедничка Македонија“. Петнаесет од нив беа амнестирани.
Судот на 16 обвинети за настаните од 27 април им изрече 211 години затвор. Митко Чавков поранешниот директор на БЈБ е осуден на 18 години затвор, Митко Пешов 15 години, Душко Лазаров 15 години, Горан Ѓошевски Леви 15 години, Оливер Поповски 13 години, Оливер Радулов 10 години, Мумир Пепиќ 15 години, Абдулфетах Алими 7 години, Младен Додевски 12 години, Јане Ченто 15 години, Горанчо Ангеловски 12 години, Игор Југ 12 години, Влатко Трајковски 15 години, Вилијам Михајловски 14 години, Никола Митревски Кољо 15 години, Александар Василевски Нинџа 8 години.
Јавното обвинителство за организирање на настаните од 27 април ги сомничи: Никола Груевски, Трајко Вељаноски, Миле Јанакиески, Спиро Ристовски и Никола Бошковски, кои се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.
OhridNews