Во рамките на новата систематизациска поставеност и стратегиска определба на МВР за целосна транспарентност и отвореност кон граѓаните, во текот на февруари 2008 година, беше конституирана канцеларијата за односи со јавноста и беше именуван портпарол на Секторот за внатрешни работи Охрид.

Во текот на изминатите две години, Канцеларијата за односи со јавноста при СВР Охрид, редовно, навремено и прецизно ги информираше медиумите и граѓаните за сите позначајни и актуелни состојби од безбедносен план, за состојбите во сите области на криминалитетот, организираше прес конференции во СВР Охрид но и надвор на терен, изнесуваше факти со висок степен на отвореност кон медиумите, презентираше видео и други визуелни  материјали од определени полициски активности.

Канцеларијата за односи со јавност при СВР Охрид, за овие изминати две години, лиферуваше 374 соопштенија, 114 информативни билтени, организираше 99 брифинг средби со новинарите, 46 прес конференции поврзани со одредени кривично-правни настани случени на станичното подрачје и 167 изјави за локални, национални и странски електронски и пишани медиуми. Остварени се  и десеттина гостувања во радио и ТВ емисии и исто толку интервјуа на теми интересни за медиумите, но и теми по иницијатива на граѓаните.

Канцеларијата за односи со јавноста иницираше и неколку значајни проекти во Охрид но и во другите општини: „Дрога-вистина и заблуди“, со која беа опфатени 25000 ученици од основните и средните училишта и околу 9000 родители, проектот „Велосипедска полициска патрола“, предложен за Повелбата „Св.Климент Охридски-патрон на Охрид“,  проектни активности поврзани со меѓународниот ден на екологијата, како и низа други проектни активности реализирани со Оделението за превенција при СВР Охрид.

OhridNews