Две години условна казна за незаконско назначување на директор во училиштето „Зини Хани“ во Велешта и парична казна од 2.500 евра за „Браќа Миладиновци“ во Струга доби струшкиот градоналчалник Рамис Мерко.
Условна казна од две години доби и прво обвинетата Егзона Шеи, која ја извршувала функцијата в.д. директор во училиштето со фалсификувани исправи.
Таа, појасни судечкиот судија Јордан Јованов, се товареше дека фалисфикувала три исправи, едната е уверението за приправнички стаж во кое се тврди дека го има завршено приправничкиот испит, втората е потврдата за работно искуство со која се тврди дека пет години работела како наставник за да може да исполни услови како директор и третата исправа е мислењето на наставничкиот совет во кое се тврди дека ги совладала предвидените компетенции.
Незадоволни од пресудата се и јавниот обвинител Џемал Лога и одбраната на Мерко, Игор Петкоски, кои најавија жалба по приемот на пресудата.
Не очекував парично, но со оглед дека за првиот предмет беше осуден условно за вториот требаше ефективна затворска казна, изјави Лога.
Мерко доби ослободителна пресуда за набавката на луксузниот автомобил „Ауди“ во вредност од 67.000 евра и парична казна од 10.000 евра за незаконско поставување директори во неколку основни училишта. Против него во Судот во Струга се води постапка за незаконско поставување спомен обележје – плоча на влезот на општинската зграда, а идниот месец треба да почне судскиот процес за склучен договор за осветлување на дел од речното корито на Црн Дрим.
OhridNews