Најмладиот лајонс клуб во градот, L.C. “Lychnidos”, денеска одбележува две години од постоењето. За овој краток период лајонс клубот „Лихнидос“ постигна забележителни резултати во областа на хуманитарното делување, поддржувајќи ги ранливите групи граѓани и асоцијациите на лицата со посебни потреби. Клубот реализираше повеќе проекти од јавен интерес покажувајќи високо ниво на општествена одговорност, што резултираше со покренување на институциите и реафирмирање на идејата за основање професионален театар во градот, за конечно истата да биде реализирана на почетокот од оваа година.
-Покрај другото клубот согласно своите можности помогна лица со оштетен вид и слух, а со поддршка на здружението на Македонците од Шведска, МПЦ и Ф.К. Вардар од Гетеборг, набавена е специјална количка за ученик со посебни потреби. На иницијатива на „Лихнидос“ изминатата година беше реализирана еколошка акција за чистење на паркот „Мазија“. Клубот како највисок приоритет ја промовираше и помогна иницијативата за формирање на охридскиот професионален театар, а помогна и повеќе млади таленти од областа на образованието, музиката и уметноста. Традиционално лајонс клубот „Лихнидос“ ја поддржа организацијата на детските новогодишни претстави, а собраните средства ги намени за набавка на наставни средства во основните училишта во градот, -информираат од клубот.
Вториот роденден лајонс клубот „Лихнидос“ ќе го одбележи со културен хепенинг што ќе се одржи вечерва во Центарот за култура „Григор прличев“. На свеченоста на која се очекува да присуствуваат претставници на сродните клубови и здруженија, на локалната самоуправа и институции, како и јавни личности, во име на членството, претседателот на клубот д-р Диел Аголи на заслужни поединци ќе им врачи благодарници за придонес во општественото делување.
OhridNews