Во соопштението од Основниот суд Скопје 1 Скопје се наведува дека обвинетата државјанка на Република Бугарија на 3 март годинава ја прифатила во станот во кој што живее во Охрид, оштетената Х.И.И. од Ботевград, Бугарија, заради експлоатација по пат на проституција.
Лицето Л.Н., роднина на обвинетата, ја довела во заблуда оштетената дека заедно од Гостивар ќе одат во Охрид во посета на нејзини роднини. Обвинетата која ја прифатила оштетената во станот ја навела спротивно на нејзината волја да дава сексуални услуги на непознати лица за што обвинетата им наплаќала по 4.000 денари.
Во соопштенито се посочува дека ноќта меѓу 3 и 4 март годинава оштетената и уште три други непознати девојки од Бугарија, на возраст од 21 до 28 години кои биле сместени во станот, им биле претставени на непознати машки лица, дојдени на повик од обвинетата, која им наредила на девојките да се покажат за клиентите да си одберат девојка.
На тоа оштетената се побунила и рекла дека не дошла да има сексуални односи со непознати лица. Утрото на 4 март годинава оштетената ја молела обвинетата да ја пушти да си оди, но обвинетата тоа не го дозволила, вербално заканувајќи и се, при што употребила и сила кон оштетената удирајќи ја со дрвена палка по телото, главата и рацете со што и нанела телесни повреди изразени во вид на подлив од надворешната страна на десната надлактица во дисталната половина и потрес на главата, а лицето Л.Н. ја повредила со удар со тупаница во пределот на носот.
Потоа во попладневните часови кога оштетената со обвинетата и уште едно лице отишле во градот, оштетената во еден момент и се отргнала на обвинетата удирајќи ја со лакт во телото, се ослободила, поттрчала кон такси возило со кое отишла во полиција и го пријавила настанот.
Обвинетата и сведокот на 5 март годинава во раните утрински часови, во обид да ја напуштат Република Македонија, биле спречени од овластените службени лица на граничен премин во Делчево, со што обвинетата го сторила кривичното дело „трговија со луѓе“, соопшти Основниот суд Скопје 1 Скопје.