
Пораката „Хитлер врати се“ на Фејсбук го испрати 26-годишниот Македонец на издржување двегодишна затворска казна во Австрија. Судската порота во градот Санкт Пeлтен на 7 април едногласно го прогласила за виновен за ширење нацистичка пропаганда, што е строго забрането во повеќе европски земји.
Македонецот, по занимање готвач, пред Судот се правдал дека не знаел оти вршел кривично дело. Тој се доселил во Австрија во 2013 година, а неговата сопруга Австријка веднаш го предупредила дека не смее во јавност да го покажува своето голо тело затоа што на градите имал истетовирано свастика. Македонскиот државјанин објаснувал дека свастиката не е нацистички, туку „македонски симбол“ со долга традиција кој се наоѓал и на археолошко наоѓалиште во Македонија и имал сосема поинакво значење. Свастиката ја истетовирал од патриотски причини.
Тетоважата, сепак, не била пресудна во случајот, туку неговите постови на Фејсбук и Интернет на кои ставал фотографии од германски војници со свастики и слики на Хитлер. Во една дискусија околу бегалците ги „поздравил“ своите соговорници со „Зиг Хајл“ и повикал „Да се врати Хитлер“.
За австриското обвинителство, ваквото однесување претставува ширење на нацистичка идеологија, а таквото мислење го прифатил и судот.
OhridNews











