СВР Охрид поднесе кривична пријава против К.И.(51) и Г.М.(56), двајцата од Благоевград, Република Бугарија, поради постоење основи на сомнение за сторени 21 кривично дело „измама“.

Пријавените, во периодот од 17.08.2022 до 10.09.2022, телефонски им се јавувале на повеќе повозрасни лица од Охрид на кои лажно им се претставувале и ги известувале дека блиски членови на нивните семејства биле тешко повредени во сообраќајни несреќи информира портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.

Притоа, доведувајќи ги во заблуда, на оштетените им ветувале дека за одредена сума пари можеле да им помогнат за нивно ослободување од кривична одговорност. На овој начин, пријавените предизвикале вознемиреност кај оштетените граѓани, а во три случаи од оштетените добиле пари со што се стекнале со противправна имотна корист во вкупен износ од 1.077.320 денари, потенцира Димоски.

СВР Охрид во неколку наврати апелираше до граѓаните да не наседнуваат на вакви измами, а и самите граѓани на социјалните мрежи се повеќе информираа за вакви случаи предупредувајќи се меѓусебно.

OhridNews