По единиаесетти пат нуркачите од Нуркачкиот центар „Амфора“  и клубот за подводни активности „Охрид“ во соработка со Сојузот за подводни активности на Македонија, денеска го украсија Охридското Езеро со новогодишна елка.


Оваа година нуркачите накитија две елки кои ги поставија во езерските води кај Заливот на коските и во изворите на Црн Дрим во Св. Наум.


Во подводното украсување учествуваа нуркачи од Македонија и Албанија, а меѓу нив беа и најмладите членови на клубовите за нуркање.

-Чувството е неверојатно. Посакувам здравје и мир за сите, изјави 14-годишната Сања Георгиеска која трет пат учествува во поставувањето на подводната елка.

– Беше супер. Посакавувам да има мир во целиот свет – истакна Кристијан Малезаноски, кој втор пат ја кити новогодишната елка во Охридското Езеро.


Неодминлив декор и годинава беше подводниот Дедо мраз, кој ги израдува најмалите посетители во Заливот на коските, подарувајќи им новогодишни пакетчиња.

-Ова е навистина убава традиција. Акцентот и годинава е ставен на најмладите нуркачи, а во поставувањето на новогодишните елки во Градиште и Св. Наум  учествуваа дваесетина нуркачи, истакна Д-р Горан Балески, кој традиционално е подводен Дедо мраз.


По примерот на Охрид годинава подводни елки се китат и во другите држави од регионот, како и во Европа, но важно е кој започна прв, велат македонските нуркачи.

-Убаво е тоа што оваа традиција се шири, но ние сме горди бидејќи први сме во тоа. Задоволни сме што и младите не следат, а преку медиумите не гледа целиот свет. Иако е традиција, ќе се обидеме догодина да вметнеме некое изненадување, верувам на општо задоволство, изјави Периклија Бешка, претседател на Сојузот за подводни активности на Македонија.


Подводните елки во Охридско Езеро се поставени на длабочина од околу 4 метри и нив ќе можат да ги видат сите посетители на Музејот на вода во Заливот на коските кај Градиште и на Св. Наум.

Г. Момироски