Заклучно со 14-ти октомври во Македонија се пријавени седум случаи на лабораториски потврдени инфекции со вирусот на Западен Нил, кои кај три лица завршија со смрт. Заболувањата биле со различна манифестација на клиничката слика, при што кај четири од заболените лица е регистрирана тешка невроинвазивна форма на болеста, додека тројца од заболените немале мозочно засегање и болеста се манифестирала како Западно Нилска треска.
Само еден случај на инфекција е пријавен во октомври, останатите заболувања се регистрирани во текот на месец септември. Најголем број од заболените (4) се од Скопје, а по еден случај на заболување е со место на живеење во Крушево, Битола и Куманово. Двете починати лица се на возраст 53 и 83 години и имале други хронични заболувања во својата медицинска историја, а едното е 2,5 годишно дете.
Освен едно заболено лице кое има историја на повеќе еднодневни патувања во соседна Грција, останатите не дале податок за патување надвор од Македонија во критичниот период на заразување. Сите пријавени случаи на инфекција со вирусот на Западен Нил се лабораториски докажани во вирусолошката лабораторија при ИЈЗ – Скопје.
Западно Нилската треска е присутна и во неколку земји во соседството меѓу кои Грција, Србија, Косово, како и на Балканот – Хрватска, Романија, Унгарија. Во Европа, во 2012 година Западно Нилската треска е регистрирана уште и во Италија и Руската Федерација, а случаи на заболување пријавува и Израел, окупираната Палестинска територија, Тунис и САД.
Од Секторот за контрола и превенција на заразни болести при ИЈЗ велат дека редовно ја следат состојбата со ова заболување во Македонија и светот.
Makfaks