Со почетокот на летната сезона, која воедно го означува крајот на школската година, катедралната црква Света Софија, поточно просторот од западната страна, постанува ПАРКИНГ за мотори и скутери, место за нужда и уринирање и вечерни собирања на млади, кои со своето однесување го нарушуваат мирот на граѓаните кои живеат во околните куќи. Ова се наведува во дел од содржината на дописот кој пристигна до редакцијата на OhridNews, од страна на жители од овој дел од градот.
– За тоа што се случува во вечерните часови во предворјето на црквата сведочат и искршените стакла од шишиња од алкохолни пијалоци, велат граѓаните кои додаваат дека ваквата слика е непријатна и за гостите кои ја посетуваат црквата, како едно од најзначајните верски храмови и културни вредности во градот.
Жителите од стариот дел на градот прашуваат дали црковниве власти воопшто знаат што се случува со црковните објекти.
– Очигледно е дека не водат грижа за овој простор или пак чекаат вработените од фестивалот Охридско лето да го одржуваат просторот, прашуваат револтирано граѓаните.
OhridNews
© Ohridnews.com. All rights reserved.
The content of this article, should not be printed, copied or published in any way, without permission by Ohridnews.com