Двосменското работно време, од денес па заклучно 3- ти септември кога истекува крајниот рок за поднесување на барањата, ќе е од 8 до 15 часот и од 15 до 20 часот, во работните денови, како и во сабота од 8 до 15 часот.
Како што информираат од локалната самоуправа, досега поднесени се вкупно 4. 400 барања за легализација на дивоградбите во општина Охрид, при тоа не земајќи ги во предвид и оние кои се наоѓаат во старото градско јадро, чии барања согласно Законот за Охрид се доставуваат директно во министерството за транспорт и врски.
– Засега немаме добиено повратна информација, од надлежното министерство, колку барања за легализација на дивоградби во стариот дел од градот се поднесени, вели директорката на завод и музеј- Охрид, Тања Паскали- Бунташеска.
Како што изјави министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиевски, до 3- ти септември, барателите е доволно да достават само барање за да се отпочне постапката за утврдување на правен статус на бесправно изградените објекти. Доколку во моментот на поднесување на барањето не се поднесат сите потребни документи, односно некој од документите недостасува, истиот може дополнително да се достави во периодот од 6 години, додека важи Законот, по што постапката за легализација ќе продолжи и при одлучувањето ќе се земат во предвид сите доставени документи.
Јанакиевски нагласи дека се размислува да се предвидат парични казни за сите оние кои нема да поднесат барање за легализација на бесправно изградените објекти во предвидениот рок.
По истекот на законскиот рок, односно по 3 септември, не ќе може да се легализираат објектите и со нив ќе се поставува во согласност со Законот за градење, односно овие дивоградби ќе треба да се уриваат.
Како што во повеќе наврати изјави градоначалникот на општина Охрид, Александар Петрески, во општина Охрид има околу 7000 дивоизградени објекти.