ЈП „Охридски Комуналец“ – Охрид повеќе од 18 години континуирано работи со блокирана сметка и основната дејност ја извршува со минимум на парични средства, укажува Државниот завод за ревизија во извештајот за работата на јавното претпријатие објавен денеска.. Ревизорите утврдувиле сериозни неправилности во финансиското и оперативно работење, со значителен раст на обврските, несоодветно користење на нафтените деривати, остварените средства на име надомест за јавно чистота и искажување на негативен финансиски резултат.

Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на ЈП за комунална дејност „Охридски Комуналец“- Охрид за 2023 година.

ЈП “Охридски комуналец” – Охрид во последните 18 години континуирано, односно, од 2006 година до денот на известување за спроведената ревизија ја извршува дејноста со трансакциска сметка која е блокирана поради издадени налози за извршување, за наплата на неподмирени обврски. Вршењето на дејноста на претпријатието се реализира во рамки на месечните лимити односно минимумот на парични средства над кои не може да се спроведе извршување, определени со Решенија на Основен суд Охрид, посочува Ревизорот.

Во последното донесено решение кон крајот на 2023 година, кое се уште е во важност месечниот лимит за функционирање на ЈП е определен во износ од 16.900 илјади денари.

Ревизорите констатирале дека ЈП низ годините има тренд на зголемување на обврските и истите на крајот на 2023 година се за 28% поголеми во однос на претходната година и за 249,61% или за 2,496 пати повисоки во однос на 2019 година. ЈП “Охридски комуналец” – Охрид на крајот на 2023 година има обврски кон 427 правни лица, во износ од 104.215 илјади денари.

Ревизорите наведуваат дека со континуираното преземање на нови обврски, кои претпријатието не е во можност редовно и хронолошки да ги плаќа влијае врз зголемување на обврските по извршни решенија и камати, што придонесува за зголемување на финансиската нестабилност и неликвидност на претпријатието .

Извор: Државен завод за ревизија

Државните ревизори утврдиле дека ЈП “Охридски комуналец” – Охрид почнувајќи од 2021 година континуирано искажува негативен финансиски резултат односно загуби од работењето при што за 2023 година загубата изнесува 11.997 илјади денари (за 2024 година 36.745 илјади денари).

Со искажаната загуба за 2024 година, акумулираната добивка и законските резерви на ЈП нема да бидат доволни за покривање на загубата, а пренесената загуба останува да се покрива од добивките од идното работење. Наведеното може негативно да се одрази на тековното и идно работење на ЈП и неговиот развој, како и да се доведе во прашање ефикасното, трајното, уредното и квалитетно вршење на дејноста и давањето на услугите кон граѓаните и правните лица, стои во ревизорскиот извештај.

Ревизорите истакнуваат дека подолг временски период не е извршена верификација на мерилата кои служат за прием и издавање на дизел гориво од подземната цистерна, сопственост на ЈП, што претставува ризик од несоодветно мерење на горивото при неговиот прием и издавање. Утврдени се неправилности и во начинот на користење на службените и приватните возила и градежните машини, документирање и следење на прием, издавање и потрошувачката на гориво.

Во месечните прегледи за потрошувачка за 90% од возилата не се евидентира поминатата километража и просечната потрошувачка на гориво и истите се нецелосно пополнети и потпишани од магационерот и возачот. Од направената анализа на евидентираните трошоци во сметководствена евиденција, доставените издатници од магационерите, прегледите од одделение за експлоатација на возен парк за примено дизел гориво по возила и месечните прегледите од магацин за издадено дизел гориво по возила ревизорите утврдиле разлики во потрошувачка на дизел гориво и разлики во издадена количина во сите наведени евиденции, стои во извештајот на ДЗР.

Во текот на 2023 година во сметководствената евиденција за 1.854 илјади денари или 29 илјади литри дизел гориво, искажани се повеќе трошоци отколку прикажаните во месечниот преглед на потрошувачка на гориво по возила изработен од магационерот.

Од анализа на издатниците ревизијата утврдила дека е издадено приближно 27 илјади литри дизел гориво за неисправни возила и 10 илјади литри за неевидентирани возила во материјална и сметководствена евиденција, без прилог на соодветна поткрепувачка документација. Исто така евидентирани се трошоци во износ од 1.371 илјади денари за 22 илјади литри дизел гориво врз основа на издатници кои количини не се евидентирани во месечните прегледи за издадено (магацин) и примено (одделение за експлоатација на возен парк) гориво. Верификацијата на овие издатници не е потврдена од магационерите и одговорното лице на одделение за експлоатација на возен парк, кои се задолжени за потпишување на истите. укажува Ревизорот.

Ваквиот начин на прием, управување и издавање на залихата на гориво, како и признавање на трошоците по тој основ, без обезбедена соодветна поткрепувачка документација, укажува на ненаменско и нерационално користење на јавните средства, смета ДЗР..

Ревизорите утврдиле дека повеќе пати во кратки временски периоди се требувани исти резервни делови за исто возило. Извршените услуги за поправка и одржување на возилата не се поткрепени со соодветна документација, односно не се изготвуваат налози за требување на резервни делови и работни налози за извршениот сервис на возилата. Недостатокот на работните налози, во кои ќе се прецизира видот и количеството на употребените резервни делови, времетраењето на работата и бројот на извршителите, не овозможува да се определи дали се работи за дополнителни инвестициски вложувања кои ја зголемуваат набавната вредност на средството или за трошоци за тековно одржување. Поради наведеното не е можно да се потврди оправданоста и исплатливоста на потрошените резервни делови, како и следење на наменското и рационално користење на средства, се вели во ревизорскиот извештај.

Вкупни побарувања од купувачи во земјата на ЈП Охридски Комуналец изнесуваат 137.931 илјада денари и истите се за извршени комунални услуги – собирање, транспортирање и депонирање на комунален отпад од физички и правни лица, како и за одржување на јавна чистота на подрачје на Општина Охрид и приградските населби, одржување на јавно зеленило, издавање под закуп на деловни простори и неизградено земјиште и други услуги за кои е регистрирано јавното претпријатие.

Констатирано е дека сметководствената евиденција на искажаните побарувања е помала за 147.891 илјада денари од оперативната евиденција на издадени фактури за физички и мали правни лица („билинг систем“) за извршени комунални услуги – собирање, транспорт и депонирање на комунален отпад. Оваа состојба предизвикува неусогласеност и на износот на тужени побарувања евидентирани во сметководствената евиденција и истите податоци во одделението за општи и правни работи за износ од 129.047 илјади денари, соопшти ДЗР.

Ревизијата утврдила дека не е воведен систем за пресметка и наплата на камата за задоцнето плаќање на фактурите за големи правни лица, што влијае врз целосноста на искажаните побарувања и наплатените приходи по овој основ и не е во согласност со Законот за облигациони односи кој предвидува дека должникот кој ќе задоцни со исполнување на парична обврска, долгува покрај главнина и казнена камата.

Наведената постапка влијае на остварување на дополнителни приходи како и потценување на даночните обврски спрема државата. Со анализа на старосната структура на побарувањата ревизорите утврдиле дека 57% од вкупните побарувања се застарени, за што од страна на одговорните лица биле образложени причините поради кои ЈП во законските рокови не ги презело сите законски мерки за наплата. Наведената состојба влијае на реално и објективно прикажување на состојбата на побарувањата во финансиските извештаи, на финансискиот резултат како и на информациите и податоците кои ги даваат финансиските извештаи, пишува во извештајот.

Во извештајот е наведено дека за период од октомври 2009 година до крајот на 2022 година ЈП поради неправилно евидентирање на надоместокот за јавна чистота, неоправдано искажало поголем приход во износ од 253.776 илјади денари, наместо обврски кон Општина Охрид, што влијае на точноста на позициите во финансиските извештаи.

Согласно одредбите од Законот за јавна чистота, средствата собрани од надоместокот се приход на буџетот на општината и се користат за финансирање на Програмата за јавна чистота. ЈП за наведениот период наплатило 212.174 илјади денари, но не извршило нивна уплата на сметката на буџетот на општината . Во истиот период извршените услуги за јавна чистота од ЈП се уредно фактурирани кон општина Охрид и правилно е пресметан ДДВ за истите, стои во соопштението на ДЗР.

Ревизорите констатирале дека органите на раководење и управување не презеле активности за усогласување на податоците на основната главнина прикажани во сметководствената евиденција на ЈП „Охридски Комуналец“ – Охрид со податоците од Централниот регистар на Република Северна Македонија. Одговорните лица во претпријатието не дале образложение за разликата во износ од 7.646 илјади денари и не доставиле веродостојни и точни документи за потврдување на причините и податоците поради кои сметководствена вредност на основната главнина е поголема.

Ревизијата констатирала неправилности и во вршењето на основната дејност на ЈП “Охридски комуналец” – Охрид, собирање, транспортирање и депонирање на отпад на две депонии „Буково‘‘ и „Мауцхер‘‘ и тоа во однос на: – цената за комуналните услуги која не се утврдува согласно критериумите во Методологијата за пресметување на цената за собирање, транспортирање и отстранување на отпад, – назначеното лице за управување со отпад не ги исполнува законските барања за положен стручен испит, не се води евиденција за идентификација, транспорт и постапување со отпад, како и не се склучени договори со 97% од правните лица кои се создавачи на комерцијален отпад на територија на Општина Охрид, поради што меѓусебните права и обврски со нив не се регулирани, се вели во извештајот.

Ревизијата утврдила нецелосно спроведен годишен попис на средствата и обврските и усогласување на сметководствената со фактичката состојба утврдена со пописот, како и не донесени сметководствени политики кои се применуваат во изготвувањето, презентирањето и обелоденувањето на финансиските извештаи.

Со извршениот увид во персоналните досиеја, склучените договори за вработување и доставената документација за пресметка и исплата на плата и надоместоци на плата за вработените, ревизијата утврдила дека е воспоставена пракса вработените да користат привремен принуден одмор кој подразбира привремено отсуствување од работа со надомест во висина од 70% од платата што би ја добивале кога би работеле меѓутоа на принуден одмор заминуваат и вработени кои се неопходни за навремено и континуирано извршување на дејноста и надвор од предвидениот период со Програмата. За секое воведување на прекувремена, ноќна работа и работа во недела, претходно писмено не е известен подрачниот државен инспектор на трудот, согласно законските барања.

Со извршената ревизија констатирани се и низа други состојби, неправилности и неусогласености од различна природа, кои влијаат на изразување на неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2023 година, како и за усогласеноста со законската регулатива, упатства и воспоставени политики. За надминување на констатираните состојби дадени се препораки со цел преземање на мерки и активности од надлежните лица и органи во функција на подобрување на состојбите, се истакнува во соопштениеот на Државниот завод за ревизија.

OhridNews