Мерките и активностите на надлежните институции иако придонесуваат за подобрување на условите за управување со безбедноста во сообраќајот на патиштата, не се ефикасни за намалување на жртвите во сообраќајните незгоди, покажува ревизорскиот извештај на тема „Безбедноста во сообраќајот на патиштата во Република Северна Македонија“ на Државниот завод за ревизија.
Јавно достапните податоци од веб страната на МВР упатуваат на загрижувачки состојби во однос на бројот на сообраќајни незгоди случени на патиштата во државата: имено во периодот 2020-2023 година се случиле вкупно 31.176 сообраќајни незгоди, од кои 15.724 се со потешки последици, а загинале 457 лица, посочуваат во извештајот.
Втората Национална стратегија за безбедност на сообраќајот на патиштата за период 2015-2020 година е последна донесена Национална стратегија за подобрување и зајакнување на системот за управување со безбедност на сообраќајот на патиштата.
За периодот од нејзино донесување до денот на ревизијата, не е изработен ниту еден документ за евалуација на ефектите од планираните мерки и активности, ниту извештај за степенот на нејзината реализација, од причина што Владата нема формирано Координативно тело надлежно за наведените активности. За периодот по 2020 година не е изготвена нова, трета национална стратегија. Во отсуство на нова Национална стратегија, политиките за управување со безбедноста во сообраќајот Владата ги воспоставува и имплементира низ други стратешки и плански документи од областа во координација со други надлежни институции, Национална транспортна стратегија 2018-2030 – НТС и Национална стратегија за Интелигентни транспортни системи 2023-2032 – ИТС, велат од ДРЗ.
Ревизорите утврдиле, додаваат, бавна реализација на предвидените активности од двете национални стратегии, што од своја страна предизвикува продолжување на роковите, неефикасно користење на средствата, создава нови трошоци и не овозможува постигнување на очекуваните ефекти за зголемување на безбедноста на патиштата и намалување на бројот на сообраќајни незгоди и жртви.
Анализите на податоците од базите упатуваат дека сообраќајните незгоди со последици се случиле дење (59%), при добри атмосферски услови/сончево време (45%), на улици во населени места (63%) и на сува површина на патот (79%), што укажува на тоа дека условите на патот не се главна причина за предизвикување на сообраќајни незгоди, но и дека најголем број се случиле на територија на СВР Скопје-41%; СВР Тетово- 14%; СВР Битола и Охрид – 9%, Штип-8%, Куманово-7%, Велес и Струмица-6%.
Најчестите сообраќајни прекршоци по видови, констатирани со спроведените контроли во период 2019-2023 година се однесуваат на: брзо возење, поминување на затворен сигнал, неправилно престигнување и недавање првенство на минување. При спроведените контроли најголем број од возачите се исклучени поради управување на возило без возачка дозвола, а значаен е и бројот на исклучени возачи поради возење под дејство на алкохол.
Системот „Safe City“ (Безбеден град) со кој располага и управува МВР, е имплементиран и функционален повеќе години за што во континуитет се обезбедуваат средства за одржување, но истиот сеуште не се користи за документирање на сообраќајни прекршоци и за изрекување на казни поради неприлагодена законска регулатива, додаваат од ДЗР.
Детален извештај на линкот.
Н.С.Ј.
извор. ДЗР