Со ребалансот на Буџетот ќе се подобруваат условите за работа на вработените во ТППЕ Охрид. Заменик командирот во ТППЕ Охрид, Коста Кузмановски на одржаната седница на Совет на Општина Охрид истакна дека години нананзад се крателе средствата предвидени за нормално работење на ТППЕ Охрид со што се доведувало во прашање и функционирањето на единицата.

Со новиот ребаланс на Буџетот во Програмата на ТППЕ Охрид за 2022 година остануваат уште 6 810 000 денари кои се пренаменуваат. Во стариот Буџет кој изнесуваше 9 310 000 денари влегуваше и купување на теренско возило кое е неопходно за функционирање на службата, но по најавата за донација на возило од страна на Дирекцијата за заштита и спасување, тие средства ги пренаменивме, рече Кузмановски.

Потенцираше и дека 30 годни не се набавени униформи за гасење на шумски пожари и на секаков вид на пожари и дека се функционира на база за донации, дотрајани униформи кои прашање е дали се во функција, а со тоа се изложуваат на ризик сите вработени во ТППЕ Охрид.

Средствата за теренското возило ги пренаменуваме за изработка на пвц дограма и индустриски врати. На противпожарниот дом целата дограма е од 1953 година и во такви услови функционираме и мислам дека крајно време е да се променат условите за вработените за да воопшто можеме да функционираме. 140 000 денари се наменети за промена на електричната инсталација која е во катастрофална состојба и по инспекцискиот надзор од страна на ДЗС беше наложено истата да се поправи. 60 000 денари имаме предвидено за поправка и одржување на тековните работи на објектот, додаде Кузмановски.

Одговарајќи на советничко прашање од страна на советничката Живка Ангелоска дали средствата кои остануваат со ребалансот се сосема доволни за да можат да ја вршат дејноста имајќи предвид дека се наоѓаме и во летниот период кога и ризикот од пожари е на едно многу поголемо ниво, Кузмановски рече дека доколку се искористат овие средства што се дадени до крајот на годината ќе се доволни и единицата ќе функционира со полн капацитет.

Инаку, на почетокот на месецот кога беше доделена донацијата од страна на Дирекцијата за заштита и спасување на охридската и струшката противпожарна единица беше најавено дека од страна на ДЗС до крајот на септември ќе се набави специјално возило кое ќе може да делува во стариот дел на градот, но и за во други тешко пристапни области.

Тогаш исто така беше потенцирано дека ТППЕ Охрид има потреба од возила, опрема, но и кадар.

Статистички гледано во јуни месец интервенирано е на 18 пожари, додека заклучно со 26 јули тековниов месец интервенирано е на 13 пожари.

Н.С.Ј.