ГРК Охрид вечерва од 20 часот го игра реванш натпреварот од ЕХФ Европскиот куп против МОЛ Татабања и е на чекор до најголемиот успех во историјата на охридскиот спорт.

Понекогаш спортот е многу повеќе од игра. Понекогаш е приказна што ја живее цел град.

Таков е денешниот ден во Охрид.

Вечерва од 20 часот во спортската сала „Билјанини извори“, Градскиот ракометен клуб Охрид ќе го одигра најголемиот натпревар во својата историја. Противник е унгарскиот МОЛ Татабања во реваншот од финалето на ЕХФ Европскиот куп, а влогот е огромен, прва европска клупска титула што би пристигнала во градот под Самуиловата тврдина.

Самуиловите тврдини обоени во сино. Фото: Фејсбук

Охрид во реваншот влегува со минимална, но драгоцена предност од првиот натпревар. Пред седум дена во Татабања, избраниците на Борис Ројевиќ славеа со 29:28, носејќи ја европската приказна дома, пред својата публика.

Но вечерва бројките и статистиката остануваат во втор план.

Во градот се чувствува атмосфера каква што одамна не е забележана. Од најмладите до најстарите, сите зборуваат за ракометот. Сите зборуваат за Охрид.

Навивачката група „Рибари“ деновиве ги мобилизира сите свои генерации. Ветераните кои ги паметат првите денови на клубот, младите кои растеа со неговите успеси и најмладите кои допрва ќе ги создаваат своите спортски спомени, вечерва ќе бидат на едно место – зад својот клуб.

Сликата што деновиве ја испраќа Охрид е единствена. Самуиловите тврдини и Античкиот театар се осветлени во боите на клубот. Езерската флота со спектакуларно пиро-шоу го најави големото финале. Градот дише во сино и бело.

Фото Зоран Тунтев/Фејсбук

Ракометарите, предводени од капитенот Гоце Ојлески, голманот Кристијан Пилиповиќ и останатите херои на оваа историска сезона, веќе испишаа златни страници во клупската историја. Но вечерва имаат можност да направат нешто што ќе се памети со генерации.

Европската ракометна федерација го вброи охридското финале меѓу најзначајните спортски настани во ова натпреварување сезонава, а интересот за натпреварот е огромен. Салата „Билјанини извори“ одамна е распродадена и се очекува атмосфера достојна за големо европско финале.

Во пресрет на мечот, од таборот на Охрид порачаа дека само заедништвото, срцето и поддршката од трибините можат да го донесат посакуваниот резултат.

Вечерва, повеќе од било кога, Охрид нема да биде само клуб.

Ќе биде град.

Ќе биде емоција.

Ќе биде сон што е на дофат.

А дали тој сон ќе стане реалност и дали европскиот трофеј ќе остане покрај брегот на Охридското Езеро, останува да видиме вечерва во „Билјанини извори“.

До тогаш, Охрид верува.

Г.М.