Едно лице го загуби животот, а неколку се потешко повредени, во масовната тепачка што рано утрово околу 3 часот се случила во центарот на Охрид.

Според првичните непотврдени информации, во тепачката во која учествувале повеќе лица до смрт бил претепан 34 годишен турист од Белград -Србија, кој подоцна беше идентификуван како Дејан Новаковиќ.

Како што дознава OhridNews, двете групи биле во ноќниот клуб „Хавана“, каде дошло до кошкање,  поради банална причина, по што пресметката продолжила надвор од кабарето. По бркотницата во центарот на градот тепачката кулминирала во непосредна близина на поштата, каде смртно настрадал  српскиот турист. МВР информираше дека две лица повредени во тепачката биле пренесени во охридската општа болница, но дека едното на пат кон таму им подлегнало на повредите. Другото лице според информациите на лекарите по укажаната интервенција е пуштено од болница.

Во охридската полицијата утрово на информативен разговор биле повикани триесетина лица, дел учесници во тепачката, а дел очевидци. Се преземаат мерки за расветлување на трагичниот инцидент.

OhridNews