Околу осум алпинисти и 20-тина добро обучени планинари ја сочинуваат Екипата за спасување на планини и непристапни терени при Црвениот крст Охрид, кои и оваа година ќе се обидат максимално да им излезат во пресрет на граѓаните и институциите во случај на несреќи.

Како што информираат од општинскиот Црвен крст, кондиционите подготовки се веќе завршени, а останува уште адаптацијата на делување од летни во зимски услови.

Нашите волонтери се спремни со волја и без никаква надохнада да помогнат и да излезат во пресрет на барањата на институциите и граѓаните. Бидејќи единицата е постојано во функција и работи во текот на летниот период, останува уште адаптацијата кон зимски услови, бидејќи тактитата и приодот кон планината е доста различен во лето и зима. Бројката од 7-8 алпинисти и 20-тина добро обучени планинари е релативно мала,  а овие луѓе многу пати до сега спасиле животи. Останува сите институции да се сплотат и сите заедно да овозможиме едно повисоко ниво на делување.“ – вели Антонио Додевски од Црвениот крст Охрид.

Според него, за поквалитетно делување на Единицата за спасување на планини и непристапни терени, потребна е поголема поддршка од останатите институции, но поголема заинтересираност од самата јавност.

Немаме превозно средство за излегување на терен, а алпинистите ги користат оние услови кои самите ги имаат. И покрај сите акции кои сме ги извеле на планини кои за многумина значење спасување живот, се уште постои таа незаинтересираност од јавноста генерално. Потребна е да се промовираат вакви волонтерски служби, бидејќи не секој може да создаде нешто вакво.“ – додава Додевски.

Тој истакнува дека на Охрид му е потребен центар, кој 24 часа во денот ќе одговара на повиците и барањата на самите граѓани.

Потребен е центар кој 24 часа во денот, односно во текот на целата седмица ќе биде подготвен да прима повици и акутно да одговори на истите. За жал, се уште сме далеку од тоа ниво. Како и да е, во случај на несреќеи нашиот тим е подготвен да помогне колку што можат да дозволат нашите услови.“ -истакнува Додевски.

O.T.