На дваесеттина минути возење од Охрид, на патот кон Битола, на падините на Плакенска планина, од каде една Голема река извира на надморска височина од 1880 метри, а другата на 1070 м.н.в., на само два километри од нејзиниот извор, во атарот на село Свињишта, охридско, се наоѓа валајцата на семејството Николоски, единствена на овие простори која се’ уште активно работи.

Тука секојдневно доаѓаат луѓе да исперат нешто. Порано многу се переле јамболии, денес претежно тоа се ќебиња, теписи и друга покуќнина. Се „белат“ во природна центрифуга, во чиста и студена вода која има константна температура од 8 степени Целзиусови.

Таму најчесто ќе ги најдете чичко Ристо и неговиот син Љупчо, како неуморно работат. Ништо не пере како валајца, ќе ви речат. Кога ќе ги извадат испраните работи, веднаш ќе ви стане јасно што зборуваат.

-Валајцата работи нон стоп и зима и лето,  освен кога има голем снег. – вели Љупчо Николоски.

Но, валајцата на Николоски, која има неколку вековна традиција, која се пренесува од колено на колено, не е привлечна само за намерниците. Тука се почесто доаѓаат и туристи, да видат еден стар занает во изумирање и да уживаат во недопрената природа и вкусните традиционални јадења, кои со голема љубов ги подготвуваат и служат Николоски.

-Идејата поттекна во 2017 година. Добивме понуда од агенцијата „Фибула“ да создадеме туристички производ, една можност гостите кои доаѓаат на одмор тука да видат еден навистина мошне стар занает. Отуука дојдовме на идеја на организираните групи кои ни доаѓаат во сабота, да им даваме ручек, вкусно подготвена свежа риба, или вкусно месо на скара, комат, ѓомлезе, питулици правени под сач, тавче гравче во земјени садови… За освежување нудиме домашен сок од вишна, капина, малина или праска.  -објаснува Љупчо Николоски.

Додека ни ја раскажуваше приказната за валајцата, во студените води се ладеше специјално направена домашна ракија и сортно вино од домашна винарија. А салатата од свеж патлиџан, пиперка и овчо сирење на чистиот воздух, не може да се раскаже, само треба да се вкуси.

Просторот околу валајцата неуморните работници Ристо и Љупчо постојано го одржуваат и оплеменуваат. Од дрво, покрај реката, изграден е преубав летниковец. Околу пирка чист планински воздух, а дополнителна свежина дава водата од блиската река.

Во моментов во туристичкиот сегмент Николоски работат со групи до 30 луѓе, заради условите и квалитетот на услугата, но и поради зачувување на природата. Но, целта им е доколку интересот продолжи, тука да изградат мал ресторан со потребната инфраструктура и рибник.

Во туристичката понуда на валајцата на Николоски може да ужива секој, се разбира со претходна најава  кај помладиот Љупчо, чиј број 075 488 408 постојано ѕвони, некој сака да испере нешто на валајца или да ужива во друштво во мир и природа покрај река во традиционален ручек, на кој долго ќе се сеќавате.

Г.Момироски

Фото галерија: