Филмот „Една битка по друга“ („One Battle After Another“) на режисерот Пол Томас Андерсон е добитник на Оскар за најдобар филм на 98-то доделување на наградите на Американската академија за филм, што се одржа во „Долби театарот“ во Холивуд. Филмот беше и најнаградуван на вечерта со вкупно шест статуетки.

Пол Томас Андерсон ја освои и наградата за најдобра режија, додека филмот доби Оскари и за најдобро адаптирано сценарио, монтажа, најдобра споредна машка улога и за новововедената категорија кастинг.

Оскарот за најдобра машка улога му припадна на Мајкл Б. Џордан за настапот во филмот „Грешници“ („Sinners“) на Рајан Куглер, кој беше меѓу фаворитите со најмногу номинации и освои вкупно четири награди.

Наградата за најдобра женска улога ја освои Џеси Бакли за улогата во драмата „Хамнет“ („Hamnet“).

Во категоријата најдобра споредна машка улога победи Шон Пен за улогата во „Една битка по друга“ („One Battle After Another“), што е негова трета актерска статуетка во кариерата.

За најдобра споредна женска улога беше наградена Ејми Медиган за филмот „Оружја“ („Weapons“).

Во останатите поважни категории, Оскарот за најдобар анимиран филм го освои „К-поп ловци на демони“ („KPop Demon Hunters“), наградата за најдобар меѓународен филм ја доби норвешкиот „Сентиментална вредност“ („Sentimental Value“), додека за најдобар документарен филм беше прогласен „Г-дин Никој против Путин“ („Mr. Nobody Against Putin“).

На 98-то доделување на Оскарите, што се  одржа ноќеска во Лос Анџелес, Американската академија додели награди во 24 категории за филмовите прикажани во 2025 година, а церемонијата ја водеше комичарот Конан О’Брајан.

OhridNews