Дефектолошкиот центар за развојна стимулација на лица со атипичен и типичен развој – „Синапса плус” започна со работа пред точно една година и веќе се етаблира во доверлив партнер на голем број семејства кои имаат потреба од стручна помош во развојот и едукацијата на децата со специфични потреби.

Основан е од Александра Иваноски, а целокупните проценки и дефектолошки третмани ги спроведуваат заедно со нејзиниот сопруг Стефан Иваноски, и двајцата специјални едукатори и рехабилитатори по струка.

На самите почетоци, како и што очекувавме, интересот беше најголем од родители од Охрид и Струга, но големо е задоволството што можеме да споделиме дека во текот на изминатата година остваривме квалитетна соработка со родители кои ни доаѓаат од Дебар, Ресен, Битола, па дури и од Скопје.Благодарение на нивната доверба и пожртвуваност да патуваат пред секој дефектолошки третман, нивните деца постигнаа исклучителни резултати и напредок, велат Иваноски.

Развојната стимулација и дефектолошките насоки кои ги споделуваат стручните лица во „Синапса плус“, не застанаа на територија на нашата држава. Истите се проширија надвор од границите преку нашите онлајн консултации.

Најчесто ги спроведуваме со нашинци кои живеат во странство, а на кои им е од особена важност да бидат насочени на соодветен начин како да го поттикнат развојот на своето дете. Онлајн консултациите ги спроведуваме преку платформа која најмногу одговара на родителот, пред се, разговараме со цел да добиеме анамнеза и увид во состојбата, а подоцна изработуваме индивидуален план за работа кој го проследуваме на родителот. Секогаш целиме да планот биде разбирлив и практичен. Даваме и насоки како одредени материјали за работа можат да се изработат од наједноставни предмети кои сите ние редовно ги имаме во нашиот дом. Не мора да биде комплицирано за да биде успешно! – потенцираат од „Синапса плус“.

Изминатата година, покрај редовните дефектолошки третмани, во „Синапса плус“ беа организирани и неколку успешни работилници со цел поттикнување на креативноста и имагинацијата кај секое од децата.

Работилниците се тематски, ги спроведуваме индивидуално или во мала група. На секоја работилница децата изработуваат свои рачни изработки поврзани со самата тематика, кои се секогаш персонализирани, истакнуваат од дефектолошкиот центар.

На крајот на учебната година, „Синапса плус“ се приклучи во процесот на подготовка на матуранти за полагање на матурскиот испит.

Најголем дел од нив беа лица со специфични тешкотии во учењето, како дислексија, дисграфија и дискалкулија. Некои од нив сами се обратија за поддршка, што укажува дека сепак, чекор по чекор ја намалуваме дискриминацијата за улогата на дефектолозите, и посетувањето дефектолошки третмани. После матурантите, ни се приклучија голем број идни првачиња кои заедно со нас вредно ги совладаа сите вештини потребни за успешен почеток на нивното ново поглавје.

Една од позначајните промени во „Синапса плус“ е сензорното катче. Тоа е интерактивна соба која ја потпомага стимулацијата на сетилото за слух, вид, допир, мирис.

Една од многуте бенефиции на сензорното катче е тоа што делува смирувачки и им помага на децата да научат да ги канализираат своите емоции пред се во таа прилагодена средина па и надвор од неа. Во случај на голема вознемиреност, од исклучителна важност е да децата бидат во адаптирана средина со соодветно дозирани стимулации. Во процесот на смирување често го користиме „Wilbarger“ протоколот, кој вклучува четкање на конкретни делови од телото со специјална четка наменета токму за ова. Пристапот е секогаш прилагоден на природата на детето и сите негови развојни карактеристики, па додека од една страна на некои лица им е потребна смирувачка средина, на други им е неопходна додатна стимулација.

За додатна стимулација се користат соодветни материјали, предмети со акцент на тактилниот и визуелниот дел, појаснуваат од дефектолошкиот центар.

Во нашиот центар имаме изобилие на рачно изработени материјали, но една изработка која децата особено ја сакаат се нашите “Mиризливи торбички”. Секој мирис се користи за различна цел, пример, лавандата обично за смирување а мента за стимулација на фокус. Сензорното катче влијае многу позитивно врз подобрувањето на фокусот и вниманието, когнитивниот и моторниот развој, емоционалнигте вештини, а како што и самото име напоменува – сензорниот развој, истакнуваат стручните лица од Дефектолошкиот центар „Синапса плус“.

Една година дефектолошки центар „Синапса плус” во Охрид – значајна поддршка на многу семејства, интернационална доверба и ново Сензорно катче. Контакт: 078-373-289 I [email protected]

За подетални информации заинтересираните може да се обратат директно во центарот кој е лоциран наспроти влезот на ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“, на телефонскиот број, мејл или официјалниот профил на социјалните мрежи.

OhridNews/PR
Фото: А. Момироска