Италијанската кујна деновиве ги обедини љубителите на добрата храна во ресторанот (летна бавча) „Канео“ во Охрид, препознатлив по уникатниот стил и понуда. Изминатите два дена гостин во креативната кујна на „Канео“ беше брилијантниот Шеф од Емилија Романа, Фабио Џануици (Fabio Gianuizzi).
Тој приреди вистинско гастрономско уживање со препознатливи италијански специјалитети во комбинација со одбрани вина и музика од Апенинскиот полуостров. Радост за сите чувства.
Шеф Џануици водел три ресторани во Болоња, Италија. Готви 45 години, исклучиво италијанска кујна, која ја смета за најдобра, како и негови креирани јадења. Ја почитува турската кујна и балканската, за кои има високо мислење.
Ја сакам храната околу Турција и Балканот затоа што е базирана на многу свежи зеленчуци кои ги нема секаде, истакна тој.

Во Македонија Шеф Џануици доаѓа втор пат, но за прв пат е во Охрид. Одушевен е од нашиот туристички бисер за кој смета дека има голем потенцијал.
Изненаден сум од убавината на Охрид. Многу малку е познат овој град во Европа, а заслужува многу поголема промоција, истакна во разговор за Охридњуз Шеф Џануици.
Искусниот италијански готвач Фабио Џануици во Македонија престојува во рамки на неговата Балканска турнеја, а на покана на познатиот македонски готвач Шеф Влатко Огненовски кој долги години работи на подобрување на гастрономската понуда во земјава и промоција на квалитетни гурмански дестинации. Домаќин им беше Елена Каневче Христовска, одговорна за креативната кујна во ресторанот „Канео“ кој деновиве на охриѓани им понуди една поинаква гастрономска приказна.
Голема чест ми беше да отстапам место во кујната на врвните шефови кои имаат магија во своите раце. Мојот ментор, Шеф Влатко Огненовски и Шеф Фабио Џануици, нашиот гостин од Италија сервираа класична италјанска храна, каква што готвела неговата “нона”. Подготовката на хранта се одвиваше со голема нежност кон состоките, љубов која се чувствуваше во целата храна, почнувајќи од домашните крешентини, лазањата Болоњезе која беше толку лесна и нежна, ролованото јунешко, до најдоброто тирамису и тенерина кое ги имам вкусено. Ова беше вистинска почит кон традиционалната италијанска кујна од регионот Емилија Романа, вели Елена Каневче Христовска.
Г. Момироски

























