Иако октомври е со нешто повисоки температури од вообичаените, сепак охриѓани веќе неколку месеци активно се подготвуваат да ја дочекаат зимата и периодот на ниски температури кои не очекуваат.

Но останува дилемата кој е најекономичниот начин да се загреат домовите и индивидуалните куќи. Во време на беспарица, едни се одлучуваат за греење на дрво, други веќе оддамна ги припремиле термо-печките, а за греење со нафта и нафтени деривати повеќе никој и не размислува.

Оваа година, уште во летниот период набавивме огревно дрво, со цел навремено да се подготвиме за зимата. Просечно гориме околу седум кубици, зависно од тоа колку времето ќе стегне. Се случувало за време на подолготраен студ, да ги искористиме резервите и од ланската година. На некои им е преку глава од дрва, но бидејќи живееме во куќа навикнати сме бидејќи со децении се грееме вака.“ – вели жител од населбата „Влашка Мала“.

Во изминативе години, карактеристично е дека овој начин на греење се повеќе го користат и оние охриѓани кои живеат во станбени објекти.

Иако струјата е почиста варијанта за затоплување на домовите, сепак греењето на дрва е доста поекономично. Оваа година, задоцнивме со набавката на дрва, па сега забрзано се подготвуваме. Нормално, и овој начин  на греење има свои предности и недостатоци. Тука е изнсувањето на пепел, секојдневното цепење дрва, задолжителното варосување и чистењето на оџаците од една страна, односно ниската цена на огревот од друга.“ – велат оние охриѓани кои живеат во станбени објекти, а оваа година се одлучиле за греење со огревно дрво.

Даб од прва класа може да се набави по цена од 2453 денари за просторен метар, додека пак бука за 2370 денари. Како што неодамна информираа од ЈП „Македонски шуми“ – подржуница Охрид, дрвата за домаќинство, познати како сеченица, може да се набават по цена од 1858 денари.

Дрва за огрев има во доволни количини за да се задоволат потребите на жителите на општина Охрид за претстојната грејна сезона, а до крајот на годината се очекува залихите да бидат зголемени. Цената на огревното дрво е иста како и минатогодишната. Годишната потреба на домаќинствата во општина Охрид  за огревно дрво се движи од 20 до 25000 просторни метри.“ – информираа неодамна од ЈП „Македонски шуми“, подржница Охрид.

Дел од граѓаните, се уште се одлучуваат за „почистата“ варијанта на греење со струја, а покрај клима уредите, најчесто се користат централното парно и термо-печките.

Користиме клима уреди, а затоплени ни се две соби. За време на зимата, сметките за струја се астрономски,  кои  доста често го надминуваат нашиот стандард. Но услови за греење со дрва едноставно нема. Во минатото користевме и термо-печки, но укинувањето на ефтината тарифа на струјата преку ден, не премисли.“ – вели жител од населбата „Галичица“.

Алтернативни методи кои ги користат охриѓани се новиот вид на греење со пелети, додека доста мал дел од граѓаните се одлучуваат за еколошки најчистата енергија – сончевите колектори. Она што радува во последните неколку години е дека дел од градежните компании, на греењето му посветуваат исклучително внимание. Така, користејќи ги искуствата од европското тло, во Охрид се градат објекти со добра термо-изолација, која според многумина претставува долгорочна и исплатлива инвестиција.

О.Т.