За голем број граѓани кои ќе се најдат сред сообраќајниот метеж на дел од улицата Јане Сандански кој води кон Охридското езеро и понатаму останува нејасно дали улицата, чија една коловозна лента речиси секогаш е полна со паркирани возила, е еднонасочна или двонасочна.
Судејќи според вертикалната сигнализација возилата преку година треба да се движат по двете коловозни ленти, бидејќи нема знак за забрана за движење кон езерото или во спротивниот правец.
– Очигледно забуната доаѓа поради хоризонталната сигнализација која останува од летниот период кога на овој дел од улицата движењето е дозволено само во еден правец и возилата може да се паркираат од едната страна. Но, преку година кога движењето е дозволено во двата правци нелогично е едната страна на улицата да се користи како паркинг простор, бидејќи возилата едвај се разминуваат.Често пати паркираните возила го блокираат и излезот за нашите возила, велат жителите.
Тие апелираат надлежните што поскоро да преземат мерки за решавање на проблемот-подобро да ја обележат улицата и постават дополнителни сообраќајни знаци на видливи места и да ги отстрануваат паркираните возила. Овој дел од градот особено е прометен за време на викендите како и за празниците кога во градот престојуваат голем број гости.
OhridNews














