Денеска во просториите на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид, заинтересираните граѓани, професори и студенти имаа ретка можност да се запознаат со принципите на невролингвистичкото програмирање и неговата улога во креирањето успешни личности.
Според Елена Антоновска Едизер, координатор за отворени програми на Центарот за Невролингвистичкото прогррамирање за Република Македонија, НЛП претставува комуникациски модел кој е базиран на субјективната студија на промената, усовршувањето и комуникацијата воопшто, применлив во сите аспекти од животот.
„Тоа е еден од најефективните комуникациски модели кој го применуваат врвни професионалци од различни области, во спортот, бизнисот, личниот и професионалниот живот, во коачинг-от и во професии коишто се поврзани со луѓето и комуникацијата. Се обидуваме на заинтересираните да им го доближе пристапот, односно барем мал дел од обуката и тренингот на НЛП.“ – истакна Антоновска Едизер.
Како што таа објасни, доколку луѓето ги применат техниките и алатките на НЛП, тие можат да дојдат брзо и лесно до резултати откако ќе ја завршат целата обука.
„Тоа значи дека вежбата е најдобриот начин, како промената и успехот би дошле од несвесно во свесно ниво. Се зависи од тоа колку човекот е лично ангажиран и ги применува методите.“ – додава Антоновска Едизер.
Раководителот на Центарот за научно-истражувачка работа при Факултетот за туризам и угостителство- Охрид, проф. д-р Јаготка Стрезовска, изјави дека оваа е ретка можност за учесниците да ја проследат обуката и предавањето од НЛБ Центарот.
„Информацијата е една од најважните човечки ресурси што ги поседуваат луѓето и компаниите, но за таа да биде споделена потребна е комуникација. Луѓето комуницираат поради многу различни цели, но во фокусот на денешната средба еефективната комуникација, затоа што таа е важна за успех во бизнисот.“ – изјави Стрезовска.
Обуките НЛП Центарот се акредитирани од страна на признати меѓународни институции, како што се: Меѓународната асоцијација на НЛП Институти Берлин, Меѓународната coaching асоцијација Берлин, како и Бесер-Сигмунд Институтот од Хамбург.
Инаку, организатори на оваа презентација се НЛП Центарот од Белград кој делува во рамките на Атриа Групацијата и Факултетот за туризам и угостителство Охрид.
О.Т.