Кристијан Ефремов ќе биде единствениот учесник од Македонија кој ќе настапи Светското првенство во атлетика во сала, кое од 9 до 11 март ќе се одржи во Истанбул (Турција). Ефремов веќе 10 дена заедно со неговиот тренер Ѓорѓи Вучков се наоѓа на подготовки во Истанбул, а својот настап во дисциплината 400 метри ќе го има на 9 март (петок) во 12 часот и 20 минути.


“Подготовките во Истанбул кои ги обезбеди Атлетската федерација на Македонија течеа во најдобар ред. Условите за тренирање се многу добри. Освен главната атлетска сала, каде ќе се одржува Светското Првенство, има уште две помошни сали, како и најсовремена теретана.

Подготовките ми послужија не само за Светското првенство во сала, туку и за претстојните натпревари на отворено во текот на 2012 година. Со оглед на тоа дека во Скопје Арената Филип Втори е во реконструкција и немаме атлетска патека за тренинг, ова беше добра можност да тренирам на атлетска патека во топла сала.И покрај напорните тренинзи, на Светското првенство во сала во Истанбул очекувам подобрување на мојот личен рекорд на 400 метри од 49.88 секунди, кој го постигнав во оваа иста сала пред 3 недели на Балканското првенство.Во летниот период ни претстојат две големи атлетски натпреварувања: Европското Првенство во Хелсинки и Олимписките Игри во Лондон, за кои се надевам дека ќе изборам место во нашиот тим со подобрување на мојот личен рекорд на 400 метри“, изјави Ефремов пред неговиот настап на 9 март.

Инаку на ова СП ќе учествуваат 349 атлетичари, 334 атлетичарки и 616 официјални лица од 172 земји од целиот свет, што представува рекорден број на земји учеснички во споредба со претходните две во Доха 2010 (142 земји) и Валенсија 2008 (147).

Ohridnews