Официјален Брисел реагира на македонско-косовскиот економски судир, откако косовските власти во неделата воведување мерка за ограничен увоз на одредени производи од Македонија, на што Скопје одговори со воведување такси за влез во земјата од косовските граѓани, јавува дописникот на МИА од Брисел, пренесува „Макфакс“.
Косово пред три дена без најава, разговори и било какви предупредувања ја воведе мерката за забрана за увоз на македонски производи. Наводно причината на Косово е условениот увоз на брашно, иако Македонија мерката ја воведе кон сите земји, согласно домашното и меѓународното право.
Косовските државјани, пак, од полноќ кон неделата плаќаат надомест по 2 евра за влез во земјава, за автомобилите се наплаќа 5 евра , а за автобусите и транспортерите по десет евра. Мерката е донесена од македонската влада како одговор на едностраната мерка од косовска страна со која се забранува увоз на десетина македонски производи.
Европската комисија во понеделникот побара сите страни во оваа трговска војна што прераснува во целосно ембарго на официјална Приштина за македонските производи и патни такси за косоварите при влез во Македонија, да се држат до обврските преземени во рамки на Централно-европскиот договор за слободна трговија (ЦЕФТА).
„Ние се стремиме кон појаснување на неодамнешните пријавени мерки и очекуваме сите страни да ги почитуваат своите обврски во рамките на ЦЕФТА“, рече портпаролот на ЕКа, Петер Стано, во изјава за МИА.
Според македонските власти, условениот увоз на брашно што го воведе нашата земја, а за што е реакцијата од Косово, не е воведена кон оваа поранешна српска покраина, туку кон сите земји од ЦЕФТА и таа е во согласност со правилата на оваа меѓународна организација.
Портпаролот Стано не сакал да навлегува во детали дали ЕУ ќе се вмеша подиректно со цел надминување на спорот меѓу Македонија и Косово, но јасно е дека Брисел одблиску го следи развојот на настаните и посакува нивна позитивна разрешница.
OhridNews
извор:„Макфакс“