Европската Комисија денеска го објави Извештајот за напредокот на Република Македонија кој содржи безусловена препорака за почеток на преговорите за нашата земја со ЕУ.
-Во изминатите два Извештаи на Европската комисија, заради длабоката политичка криза и заради „заробената држава“, препораката за почеток на преговорите беше суспендирана и условена со одржување на фер и демократски избори, со имплементација на договорите од Пржино и на препораките на Прибе, односно со обезбедување слобода, демократија и реформи. Оваа година, препораката е чиста и безусловна, а тоа значи дека Република Македонија го исполнува основниот политички критериум за членство во ЕУ што треба да овозможи почеток на преговорите за пристапување во членство во ЕУ. Ова исто така значи дека политичката криза е зад нас, дека Европската Унија со внимание и со почит ги следи реформските и политичките процеси во нашата земја и дека сме влезени во редовни политички процеси како секоја функционална демократска држава. И еве, соодветниот одговор стигна денеска. Комисијата ни оддаде признание, ни потврди дека сме на вистинскиот пат и ја отвори вратата за европска Македонија. – рече премиерот Зев на прес конференцијата по повод Извештајот на ЕК.
Претседателот на владата истакна дека најголемата заслуга за напредокот и успешно спроведените реформските процеси ја имаат граѓаните на Република Македонија.
– Владата посветено и одлучно ги сработи реформите. Но, одлуката да се стави крај на една штетна, погубна политика и да се отпочне нова реформска и прогресивна страница на нашата иднина – ја донесоа граѓаните. Граѓаните се бореа за демократија, напредок, слобода и правда. Тие избраа нова власт и ја задолжија оваа власт да спроведе итни реформи. Власта послуша и се фати за работа.
Граѓаните потврдија дека многу добро знаат зошто е важно чекорењето на Република Македонија кон ЕУ. Граѓаните знаат дека со овој наш процес на приближување и зачленување во ЕУ обезбедуваме европски стандарди во работата на институциите, а тоа значи подобри услуги, подобри сервиси за граѓаните. Одењето кон членство во ЕУ значи и подобра бизнис клима, повеќе инвестиции, повисоки плати, повеќе пари кај граѓаните, а сето тоа е подобар живот. Затоа, огромно мнозинство од граѓаните го поддржуваат зачленувањето на Македонија во ЕУ и НАТО. – додаде Заев.
Тој додаде дека враќањето во Собранието на опозицијата покажа дека навистина има нова политичка клима во Македонија и дека не се заборавени државните интереси.
-Затоа ова е успех и на опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Ќе го продолжиме процесот за градење консензус по сите клучни прашања како што успеавме да постигнеме согласност за неколку пакети реформски закони за следење на комуникациите и судските реформи Еден дел од тие пакети заедно ги изгласавме во парламентот. Верувам дека така ќе продолжиме и за другите закон и теми од национален интерес. Власта покажа дека е инклузивна, дека прифаќа различно мислење. Опозицијата покажа дека е свесна за сопствената одговорност, и дека прифаќа различни аргументи. Секако свој придонес имаат и БЕСА, Алијансата за Албанците и Демократската партија на Албанците. – истакна Заев.
OhridNews