Поранешниот фудбалски шампион на Македонија, тимот на Слога Jугомагнат, кој сега се натпреварува во ниските лиги како ФК Шкупи, води преговори за да „скокне“ во Втората лига преку фузија со Охрид 2004, пишува веб порталот екипа.мк. Иако имаше шпекулации дека Дрита, новиот прволигаш, ќе се пресели на стадионот Чаир по партиска директива и ќе стане Слога Jугомагнат, сепак, новиот обид оди преку Охридското крајбрежје.


 

Според екипа.мк Охрид 2004 се наоѓа во огромна финансиска криза и егзистирањето на клубот е доведено во прашање, па отпочнати се начелни разговори за да се фузираат со ФК Шкупи, а потоа овој клуб да се преименува во ФК Слога J. и да создаде квалитетен тим кој би се прошетал во Втората лига и би изборил место во елитата. Во прво време, клубот би настапувал на стадионот „Атина Бојаџи“ во Охрид, но потоа би се преселил на стадионот „Чаир“ во Скопје.  


 

Сличен пат имаше и уште еден македонски првак, Македонија Ѓорче Петров, кој исто како и Слога југомагнат беше дисквалификуван од ФФМ и префрлен во најнизок ранг на натпреварување поради бојкот на прволигашките натпревари и отворена војна со Хаџи-Ристески. Овој клуб како Треска Шишево избори пласман во Втората лига, а потоа повторно се преименува во Македонија Ѓорче Петров. Во второлигашка конкуренција се бореше за пласман во Првата лига, но, сепак, не успеа да ја издржи трката за пласман во елитното друштво.  

извор “екипа.мк“

Ohridnews