По нормализирање на снабдувањето со електрична енергија во селата Куратица, Ливоишта, Випала, Мали Влај, Томорос, струшко Лескоец, Коњско, Стење и селото Мислешево, екипите на ЕВН Македонија работат на санирање на дефектите кон граничниот премин Ќафасан. Заедно со месното население се подигнуваат паднатите столбови во село Мислодожда.
Во Охрид, Струга, Ресен и во повеќе села од овој регион екипите на ЕВН ги санираат помалите прекини на ниско-напонската мрежа.
– Новиот 10 кВ далекувод во реканскиот крај е во завршна фаза на поставување. Низ новоподигнатите столбови се поставуваат проводниците и изолаторите и се премостува врската низ Дебарско езеро. Се работи интензивно за да се нормализира снабдувањето со електрична енергија на селата во реканскиот крај. Пробивањето на екипите на ЕВН до местата на дефектите сеуште е отежнато, голема помош имаат од екипите на МВР со санки со што времето за пристигнување на критичните места е скратено. За работа на дистрибутивната мрежа ангажирани се над 230 електромонтери, информираат од ЕВН.
Оттаму додаваат дека екипите ќе останат на терен се додека и најоддалечените места и последниот корисник не бидат снабдени со електрична енергија.
OhridNews