Членовите од советничката листа број 10 на Коалицијата на еколошки граѓански организации од Охрид денес одржаа прес-конференција во с. Орман со симболичен почеток во 10.10 ч. На пресот говореа носителот на листата Борис Стојаноски и стручњакот по органско земјоделие Зоран Чифлигароски.


Значителен дел од нашите заложби како потенцијални советници се однесуваат на производството на здрава органска храна – шанси за невработените, подобрено јавно здравје и заштита на природните медиуми: почвите, водите и воздухот. Сите овие елементи чинат нераскинлива врска и се природно взаемно поврзани.Имено, се смета дека развојот на земјоделието во овој век ќе биде втемелен на концепт кој предвидува значајни промени во одгледувањето на растенијата. Со тоа ќе се придонесе кон воспоставување еколошка рамнотежа и стабилност на природните ресурси во агросистемите. Агробиологијата со големи чекори граби напред, независната листа Б.С. на екологистите нема да дозволи овој тренд да нî згази и одмине.

Здравствените аспекти се повеќе од очигледни: доказите дека голем број болести се предизвикани од нездравата храна и загадената животна средина се секојдневни. Пестицидите и хербицидите се докажани предизвикувачи на голем број здравствени нарушувања, алергии, Паркинсонова болест, како и ракот чиј годишен број заболени во Македонија, а и во светот е во постојан пораст. Можеме сe да направиме и изградиме, но нашето здравје е непроценливо, зошто без него сe е ништо, беше истакнато на прес – конференцијата на Коалицијата на еколошки граѓански организации од Охрид.

Денешните актвиности еко-коалицијата ќе ги заврши со средба со граѓани од с. Долно Лакочереј во 18.30 часот и во с. Горно Лакочереј со почеток во 20.00 часот.