Центарот за хербализам, туризам и одржлив развој БИЛКИЛАЈФ, ги прогласи најдобрите три бизнис идеи на натпреварот за најдобри бизнис идеи за социјално претприемништво, во рамките на проектот „Едукација за млади социјални претприемачи: Иднина на одржливиот бизнис“, ко-финансиран од Министерството за економија и труд.
Првонаградена е бизнис идејата „Artimpact“ на Катерина Вишинова, која ќе ги поддржува младите уметници и ќе им овозможува на загрозените групи пристап до уметничко образование. Втора награда доби Валмир Имеров со бизнис идејата „Hope Bites“, камион за храна кој ќе ги снабдува гладните и социјално загрозени граѓани. Трето место доби бизнис идејата „Еко пчеларска куќа“, на Игор Јосифоски за повеќенаменска еко куќа што комбинира пчеларство, апитерапија, органско производство, туризам и едукација, со мисија да ја поддржи руралната заедница во охридскиот крај, вработување на млади, заштита на животната средина преку заштита на пчелите и промоција на здрав начин на живот, посочуваат од Центарот.

Новите иновативни бизнис идеи од младите, ќе придонесат за развојот на социјалното претприемништво и позитивни општествени промени, што беа и основните цели на проектот.
Преку овој проект, младите учесници поминаа низ обуки, менторски сесии и практични работилници кои им помогнаа да ги развијат своите претприемачки капацитети и да ја изградат својата визија за социјално одговорен бизнис. Нивниот ентузијазам и креативност покажаа дека младите се двигателите на иновативни решенија и одржлив економски развој. Се радуваме што младите се многу иновативни и имаат одлични идеи. Треба да ги мотивираме да продолжат да работат на нивно реализирање, истакна Марија Георгиевска, извршна директорка на БИЛКИЛАЈФ.
Во рамките на проектот беше спроведена и кампања за поттикнување на социјалното претприемништво.
OhridNews














