Изминатиот период локалната канцеларија на Еко-свест во Вевчани спроведе низа едукативни активности наменети за младите и најмладите. Заедно со НП „Галичица“ беше организирана едукативна тура во природа со ученици од ООУ „Страшо Пинџур“ Вевчани со прошетка низ Споменикот на природата Вевчански извори.

Ученици учеа бонтон во природа и како се чуваат заштитени подрачја, собираа растенија и надгледуваа животински видови кои ги среќаваа во прошетката. Во соработка со Детската градинка „Планински цвет“  организиравме прошетка во природа. Со дечињата заедно зборувавме за животните и растенијата во нашата околина. Учевме за важноста на водата, зошто треба да се внимава ѓубрето да не завршува во неа и како ја чуваме реката, велат од Еко-свест; велат од Еко свест, Подружница Вевчани.

Додаваат дека креативните ученици од ООУ „Страшо Пинџур“ Вевчани и уметникот Горан Ристовски исцртаа мурал во училишниот двор, со кој на своите врсници, но и останатите жители и посетители на Вевчани сакаат да им укажат за значењето на водата и природните вредности.

Целта на сите овие активности е едукација од мали нозе со цел подигање на свесноста зошто ни е важна животната средина и зошто мора да ја штитиме. И од досега виденото, можеме да се пофалиме дека во младите генерации природата ќе има многу сојузници и борци кои ќе ѝ помагаат. Сето ова е само мал дел од работата на Еко-свест во Вевчани преку локалната канцеларија, потенцираат.

За следниот период, истакнуваат, се планира и изработка на трајна поставка за природата во Мултикултурниот центар во Вевчани, поставување на информативни табли и знаци во Споменикот на природата „Вевчански извори“, бележење на велосипедски патеки, промоција на заштитеното подрачје преку онлајн кампања и многу други.

Активностите се дел од проектот “Поддршка на одржливо управување со Споменикот на природата „Вевчански извори” финансиран од Prespa Ohrid Nature Trust- PONT. Како дел од овој проект Еко свест во 2022 ја отвори својата локална канцеларија во Вевчани и претставува продолжување на заложбите на Еко свест зачувување и одржливо управување на Споменикот на природа „Вевчански извори“.

OhridNews