Стотици дрвја се искршени од снегот кој пред десетина дена наврна во Охрид. Дел од нив буквално се откорнати од земја, а штети има и на земјоделските површини.

-За ваквата состојба придонесе јужниот, влажен снег и екстремно ниските температури кои следеа потоа. Особено чувствителни се зимзелените дрвја бидејќи повеќе снег зе задржува на нив.-објаснува Лазо Наумоски, инженер агроном и екологист.

Повисоките температури викендов го топат снегот, но метеоролозите за понеделник најавуваат нови врнежи, кои можат да предизвикаат дополнителни штети. Според Наумоски за да се спречат нови оштетувања, потребно е превентивно да се делува.

– Јавното комунално претпријатие треба пред зимската сезона да изврши контрола на самите дрвја, каков е распоредот на гранките, да не се прегусти затоа што така задржуваат поголеми количини снег. Исто така да се води грижа кога ќе падне снегот да има одредена екипа која ќе ги протресува дрвјата за да не дојде до кршење, бидејќи секоја скршена гранка понатаму предизвикува сушење на самото растение и неговата функција престанува.-вели Наумоски.

Наумоски посочува дека важноста на дрвјата во градска средина е исклучително важна, бидејќи едно дрво врши еколошка заштита на повришна од 3500 квадратни метри, односно ги неутрализира загадувањето и бучавоста.

Г.М.