Членовите од советничката листа број 10 на Коалицијата на еколошки граѓански организации од Охрид денес одржаа прес-конференција со симболичен почеток во 10.10 ч.

-Месноста околу стадионот Грашница беше местото од каде проговоривме за нефункционалноста на колекторскиот систем и загадувањето на езерото на тоа подрачје. Со години шахтите на магистралниот колекторски цевковод почнувајќи од стадионот Воска сe до пумпната станица Подмоље, се излеваат речиси при секој дожд. Имено, кога протекуваат поголеми количества комунални отпадни води во колекторот, не се вклучува потребниот број пумпи и доаѓа до излевање во населбите и во езерото. Отпадните води се извор на патогени бактерии и вируси, непријатни миризби, го загадуваат езерото и подземните води. Се загрозува постојано здравјето на локалните жители како и туризмот во кој полагаме толку надеж, беше речено на прес конференцијата.
Нашите заложби за решавање на ова горливо прашање за неколку илјади жители од населбите Воска и Далјан и воопшто за Охрид, досега завршуваа без одговор на надлежните органи. Со нашиот влез во Советот на општина Охрид итно ќе го поставиме ова прашање, т.е. ќе бараме проценка на капацитетот на пумпните станици и функционалноста на колекторот на оваа делница како и најитни активности за решавање, рекоа екологистите.











