-Навистина време е граѓаните сериозно да размислат за иднината на нашиот град. Мораме да одлучиме што ни е важно, резултатите или ветувањата. Очекувањата треба да се усогласат со можностите, а можностите може да се реализраат од страна на креативен и храбар тим, кој што Павел Попоски го нуди на граѓаните на Охрид, тим кој ќе работи за доброто на граѓаните на Охрид.-изјави носителот на независната листа на советници со реден бр. 38 Павел Попоски на денешната прес конференција на која беа образложени приоритетите во изборната кампања.
Како едно најважните прашања за кои ќе се залагаат во идниот совет, Попоски ја посочи економијата и создавање услови нза развој на индустријата и бизнисот, по кои Охрид некогаш беше познат. Во фокусот на изборната програма на независната листа предводена од Павел Попоски е и туризмот, кој, како што истакна тој, денес се сведува на едвај дваесетина дена.
-Охрид има капацитет за развој на конгресниот туризам, кој за жал во последните години е подзаборавена категорија, дали е тоа намерно или не, не знам, но во Охрид освен настаните на лето не се случуваат други манифестации. Во Охрид секој месец треба да има одредени настани, рече Попоски.
Посебно местo во програмата на Попоски зазема и спортот.
-Денес речиси и да нема спорт во нашиот град, а разни мешетари ги одвраќаат приватните инвеститори од клубовите, без што не може да има спорт, ниту здрави клубови, рече Попоски.
Носителот на независната листа со реден број 38, истакна дека важен приоритет за кој ќе се залага е подобрување на безбедноста во градот.
-Граѓаните на Охрид како да се заробени од една групација која врши тортури во градот. Треба да поведат сметка сите структури за граѓаните и да знаеме дека кога ќе ги пуштиме надвор нашите деца ќе ни се вратат безбедно.-изјави Попоски.
Тој рече дека ќе се залага Охрид да стане модерен град со соодветни урбанистички решенија и добро осмислени пешачки и рекреативни зони.
Мотото под кое настапуваат кандидатите за советници од независната листа со бр. 38 предводена од бизнисменот Павел Попоски е „„Знам зошто“.