Според Пеце Ристески претседател на Синдикат на индустријата, енергетиката и рударството – СИЕР, Економската криза се уште силно се чувствува во Македонија, особено во носечките сектори, што резултираше со намалување на платите и отпуштање на 4-5000 работници.
– Она што загрижува е фактот што кризата настапи брзо, брзо се почувствуваа последиците и падот на производството, а процесот на опоравување се одвива мошне бавно и долго, истакна Ристевски. Според него Владините мерки имаат одередено влијание во ублажување на кризата, но директно не ги помагаат носечките економски сектори.
Економската криза во регионот без работа остави стотици илјади вработени, а ги одвраќа и инвеститорите, вели Хасан Абази од Синдикатот на металците на Косово.
– Доста инвеститори кои размислуваа да купат претпријатија од металопреработувачката индустрија сега не се осудуваат да инвестираат, рече Абази.
Жељко Веселиновиќ од Здружениот синдикат на Србија, смета дека голем удел за неповолната економска состојба имаат и самите влади, кои според него ја користат светската криза за да ги прикријат лошите политики.
–Во последно време слушаме дека Владата во Србија, а веројатно така е секаде, подготвува мерки за кризата во Грција и дали тоа значи дека доколку утре има криза во Танзанија или Маурициус повторно ќе има отпуштања на работниците, истакна Веселиновиќ.
Учесниците на конференција во Охрид се согласија дека синдикатите од регионот мора повеќе да соработуваат и солидарно да се помагаат меѓусебно, дури и заеднички да настапуваат на протести за решавање на проблемите на работниците.