Екс директорот на јавното претпријатие за комунална дејност „Дебрца“, Благојче Стојчески, со демант за изнесеното од страна на актуелниот директор , Јасмина Мицкоска дека наследената финансиска состојба на претпријатието е загрижувачка.

– Како може  наследената финансиска  состојба во Јавното претпријатие  да е загрижувачка кога  на  денот кога бев разрешен од функцијата Директор на Јавното претптијатие,  26. 04. 2013 Јавното претпријатие беше во позитива од 853.748 денари, односно ги имаше подмирено обврските за плата на вработените заклучно со месец  март 2013, имаше побарувања за повеќе платени даноци и придонеси, во износ од   167 036 денари (ЈП не должи за данок туку е во претплата ), залиха на материјали во износ 52 748 денари  и вкупни побарувања од  физички и правни лица, во износ од 2 312 981 денари. Впрочем, финансиската состојба на Јавното претпријатие за  последните две и пол години може да се види од Завршните сметки за 2011 година каде остварената нето добивка изнесуваше 436 493 денари  и Завршната сметка за 2012 година каде остварената нето добивка изнесуваше 235 643 денари,вели Стојчески.

Тој додава дека неиздржани се тврдењата дека во изминатиот период не било ништо инвестирано за подобрување на услугите што ги дава Јавното претпријатие.

– Во времето кога бев прв  човек на Јавното претпријатие   набавено е  специјално  возило  за собирање комунален отпад, половно патничко моторно возило , поставени се контејнери и канти за собирање на отпад во поголемите села во општината, во кои се започна со организирано собирање на комуналниот отпад, сите населени места се обезбедени со водоснабдителни системи, а селата Белчишта и Оровник и со канализациона мрежа, редовно се чистени дивите депонии и општинските патишта, а преку Швајцарската агенција за подршка и развој , во рамките на Проектот “Форуми во заедниците” обезбедени се средства во висина од 400 000 денари  за набавка на контејнери и канти за депонирање на комунален отпад,  проект кој е започнат и треба само да се финишира, нагласува Стојчески .