Поранешниот напаѓач на англиската репрезентација и на познати клубови како Лидс Јунајтед, Шефилд Јунајтед, Мидлсброу, Вест Хем, Сандерленд и Бенфика, Брајан Дин, беше во дводневна посета на градот Охрид. Тој беше гостин на сопственикот на Фудбалскиот клуб Воска Спорт, Нефи Усеини.

Повод за посетата на Брајан Дин беше да се информира за состојбите во фудбалот во град Охрид, поконкретно на „Воска Спорт“, спортската и хотелската инфраструктура како и за фудбалските капацитети на овој регион воопшто, а особено за младите категории.

За време на престојот во градот покрај Охридското Езеро, Брајан Дин заедно со сопственикот на ФК Воска Спорт Усеини, спортски и туристички работници, остварија официјална средба со градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков, со кој разговараа на фудбалски теми.

Тука сум на покана на Нефи (Усеини, ФК Воска Спорт) да ја погледнам младинската структура, да дадам свое мислење од моето искуство во различни земји. Бев тренер во Норвешка, играв во Португалија и се разбира во Англија. Тоа се различни искуства кои ги видов во развој на младите фудбалери и како децата се развиваат во атлети. Добро е што можам да го пренесам моето искуство, затоа што тука гледам голем ентузијазам. – изјави Брајан Дин.

Поранешниот англиски репрезентативец истакна дека засега нема ништо конкретно, но има простор за соработка.

Јас сакам да го пренесам моето искуство и знаење што може да помогне и сметам дека тоа е многу важно, поважно од било што да зборуваме директно за иднината, ако можам да помогнам со моето знаење тогаш сум среќен да го пренесам истото. – додаде Дин.

Покрај официјалниот дел и темата за фудбалот, сопственикот на ФК Воска Спорт, Нефи Усеини, ја искористи можноста на гостите од Англија да им го претстави градот Охрид, делови од историјата и најатрактивните туристички места. Почитувајќи ја неговата католичка вера, за Брајан Дин беше организирана и посета на Католичката црква во Охрид.

Двете страни се задоволни од првиот контакт, останува отворена можноста за евентуална соработка во иднина, а како продолжение на оваа средба, следната недела се најавува доаѓање на уште една делегација од Англија. – информира ФК Воска Спорт.

Г.М.