Поранешниот претседател на општинската организација на СДСМ во Струга Ристе Ќушкоски гласал за избор на Абдула Ќазимоски од ДПА за претседател на Советот на општина Струга. Информацијата ја потврдија струшките социјалдемократи, кои не знаат кои биле мотивите што довчерашниот нивни претседател го поддржал Ќазимоски, кој со 15 гласа на петочната седница беше избран за прв човек на Советот.

Од вкупно 11 советници колку што брои коалицијата „За подобра Струга“, за предлогот за избор на Абдула Ќазимоски од ДПА, гласале седумина советници, петмина од ВМРО-ДПМНЕ, еден од СДСМ и еден од ВМРО-Народна партија, четворица биле против. Од советничката група на СДСМ по ова најави раскинување на коалицијата. 

-ВМРО-ДПМНЕ отстапи од принципот на коалиционен договор со СДСМ и прифати претседавач на Советот на општина Струга да не биде од коалицијата „Заедно за Струга“. Владејачката партија манипулира исклучиво за лични и партиски интереси. Нема друго оправдување за овој неразумен потег. Коалицијата „Заедно за Струга“ беше договорена токму за претседавачкото место во Советот, коешто требаше да го добие коалицијата, во интерес на граѓаните Македонци од Струга. По ова непринципиелно постапување на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ ја раскинува коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ. Отсега самостојно ќе ги браниме интересите на граѓаните на Струга.-изјави Даме Ложанкоски, претседател на ОО СДСМ Струга.

Од ВМРО ДПМНЕ, негираат дека коалицијата ќе биде раскината. 

-Ние работиме во интерес на граѓаните на Струга, затоа и ваква беше одлуката, истакна Перо Петковски од ВМРО-ДПМНЕ, посочувајќи дека раздорот во коалицијата е дело на лидерот на СДСМ Зоран Заев. 

Градоначалникот Зијадин Села, пак, го поздрави изборот на претседател на Советот.

-Задоволен сум што е избран претседателот на Советот на Општина Струга во интерес на развојот на општината и заради доброто на сите граѓани, рече Села.

Советот на општина Струга од конституирањето работеше без претседател, поради тоа што партиите не можеа да се договорат кој да ја извршува оваа функција.

OhridNews